Ливерпул е новиот првак на Англија!

После 30 години откако за последен пат беа шампиони во тогашната Aнглиска прва дивизија (1989/90) екипата на Ливерпул за првпат ја освои долгоочекуваната, и во неколку наврати во финишиот испуштена титула во Премиер лигата, и со тоа станаа седмата екипа покрај Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Челзи, Арсенал, Лестер и Блекбурн која во своите витрини ќе го има најголемиот трофеј во фудбалска Англија.

Она што не им успеа на неколку големи фудбалски тренерски имиња како Грем Сунес, Жерард Улие, Рафа Бенитез, Кени Далглиш, му успеа на германскиот стратег Јирген Клоп. Новиот првак на Англија беше решен во синоќешниот дуел помеѓу Челзи и бранителот Манчестер Сити. Со головите на Кристијан Пулишиќ и на Вилијан од пенал, тимот од Стемфорд Бриџ победи со 2-1, и со тоа разликата од 23 бода помеѓу Ливеруп и Манчестер Сити на 7 кола до крај стана недостижна.

Тоа е воедно и најраниот шампион досега во Премиер лигата. Радоста на фудбалерите и на фановите не стивна до утринските часеви низ улиците во градот на Битлсите. Џордан Хендерсон капитенски низ целата сезона ги предводеше црвените од "Енфилд" кои досега забележаа скор од 28 победи, 2 нерешени меча и 1 пораз со гол разлика 70-21.

Со свои честитки се јавија многу поранешни фудбалери на Ливерпул како Мајкл Овен, Луис Гарсија, Џими Траоре, Фернандо Торес, Пепе Реина и секако Стивен Џерард, легендата на тимот кој целата своја кариера ја помина носејќи го црвениот дрес. 

"Нека започне забавата" - одекна во медиумите изјавата на поранешниот капитен.

 

Да напоменеме дека до крајот на сезоната во Англија претстои и интересна трка за местата број 2,3 и 4 кои водат во Лигата на шампионите, за кои ќе се борат екипите на Манчестер Сити, Челзи, Лестер, Манчестер Јунајтед, Тоттенхем и Шефилд Јунајтед.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот

Низ мојата омилена парола "Without ART, Earth is just just EH", во прв план и како за мене битни секогаш ги ставам музиката, филмот и уметноста општо. Понекогаш и некоја добра книга, и фудбал секако. Обожавам квизови и енциклопедии, а батериите највеќе ми ги полнат звуците на природата, далеку од метежот и гужвите.