,,Боенка за возрасни"

Пред некој месец си купив ,,боенка за возрасни”. Порано боенките ги знаевме и користевме само за забава на децата. Но, во последно време се се поатрактивни и кај возрасните. Овој тренд трае веќе неколку години. Читав една статија, во Вашингтон во градската библиотека имало и клуб. Луѓе се собираат и заедно си уживаат во своето ново ,,хоби”.

Да појаснам за овие боенки – всушност се црно-бели цртежи, на некој начин покомплицирани од другите (,,детските боенки”). Постои можност да бидат направени со најразлични цветови, животни, геометриски фигури со различни големини.

Таканаречената ,,боенка за возрасни” (како и секој друг вид на боенка) се добри за нас. Освен тоа што преку нив ја зголемуваме нашата креативност, воедно на некој начин ни делуваат и како медитација, како антистрес терапија. Со самото боење на тие форми, фигури ние се опуштаме.. поголемо е ,,дејството” доколку слушаме и одредена музика. И како и во секоја ситуација подобро е доколку целосно се препуштиме на моментот, во случајов да се препуштиме целосно на музиката и боењето.

Боенката којашто јас ја купив е мандала (Mandala colouring book – antistress). Значењето на зборот ,,мандала” на санскрит (стар индоевропски јазик) е ,,круг”. Во хиндунизмот и будизмот тоа е духовен симбол кој го претставува универзумот. Или со други зборови на некој начин ни кажува дека се во животот е поврзано и истовремено ја симболизира и идејата дека животот никогаш не завршува.

Ова всушност повеќе се користи за внатрешна трансформација на една личност. Самата убавина на мандалата ја претставува убавината на животот.

Ниту еднаш додека бојам не се има случено да не помислам на тоа дека боењето (или цртањето) на мандала, доколку психолог (или било која друга стручна личност во таа област) ги разгледа, може многу да каже за личноста која ги боела (цртала).

Имам само четири маркери, црвен, плав, зелен и црн. И тие се во потемни нијанси. Некако мрачни. Сметам дека тие бои, ги прават цртежите да изгледаат помрачно, несреќно. Е сега, постои можност јас да побарам и да купам некои посветли бои но, сепак мислам дека ретко каде би нашла па затоа и не барам. И еве веќе неколку месеци си бојам со истите и за купување на други маркери ми текнува само кога ќе го видам целосно избоениот цртеж или пак кога ќе се сетам дека стручна личност за тоа, може да каже многу работи за мене со самото гледање на избоеното.

Споредба:

  • ,,постои можност да побарам и да купам посветли бои” – Постои можност ние да смениме одредено размислување, одредени постапки кои сметаме дека не се во ред. Сите ние имаме слаби страни за кои (најголемиот дел од луѓето) сме свесни дека можеме да ги подобриме. Свесни сме дека доколку сакаме можеме да постигниме скоро па се што ке посакаме. Свесни сме дека можеме да успееме.
  • ,,сепак мислам дека ретко каде би нашла па затоа и не барам” – Постои можност, да! Но, некогаш општеството, некогаш ние самите се уверуваме дека нештото е непотребно или не е доволно добро и се со цел да се откажиме. Некогаш и самата наша моментална психолошка состојба не ни дава да видиме дека постои начин, излез, решение. Некогаш за дел од општеството да не го разочараме (мајка ти која те знае и прифаќа но, сепак ти вика дека не е во ред да се гледаш со момчиња поради тоа што си машко и поради тоа што хомосексуалноста сеуште не е поставена како нешто стандардизирано во ова општество), некогаш за ние самите да се поштедиме и да не вложиме премногу труд и напор во нешто (можеш да работиш и да завршиш факултет и потоа да напредуваш во избраното професионално поле, прашањето е колку ти е важно). Некогаш, најчесто ни е полесно да кажиме дека нештото е тешко. Некогаш полесно е да кажеме дека ,нема да најдеме такви маркери’ и да се откажеме од нештото. Според мене ако нештото ти е важно, колку и да е тешко, колку и да не е поддржано општеството, од најблиските, треба да се бориш. Дури и да не гледаш какво решение постои, за секој проблем постои некакво решение. Мораш да се бориш. Ќе успееш.
  • ,,и еве веќе неколку месеци си бојам со истите” – Се откажуваш едноставно од нештото. Премногу мислиш на неуспех, конкретно во случајов на тоа дека нема да најдеш други маркери баш по твоја желба, а се залажуваш и со тоа дека ,,и тие се добри” и продолжуваш со нив. Кога го гледаме животот, маркерите можеме да ги споредиме и со личност. Колку само личности постојат кои јас ги познавам што се во несреќна, токсична врска и остануваат во таа врска само од страв дека нема да најдат друга личност како нивниот партнер/партнерка. Дека ќе бидат осамени.. а свесни се дека маркерите веќе прекинуваат да пишуваат, потрошени се. Нема што да се добие веќе од нив. Свесни се дека додека бојат наместо да се опуштени, боењето им ствара стрес и полека се откажуваат и од самото боењето. Се присеќаат на среќата и опуштањето кое го доживувале претходно и затоа пробуваат.. неуспешно. Свесни се дека не уживаат во врската и дека не ја ни сакаат личноста за да се борат, да најдат решение. Свесни се дека ќе бидат осамени доколку се откажат од таа личност. Свесни се дека добиваат многу помалку од тоа што заслужуваат ,ама скраја да е Цвета ми рече можи од некој ни то да не го добиваш’ и си продолжуваат со она што ги ,,убива”.
  • ,,за купување на други маркери ми текнува само кога ќе го видам целосно избоениот цртеж или пак кога ќе се сетам дека стручна личност за тоа, може да каже многу работи за мене со самото гледање на избоеното” – За сменување на постапките, на одлуките ти текнува кога ќе го облечеш црвениот тесен фустан со деколте кој предобро ти стоеше минатиот пат кога го облече и ќе се сетиш дека рече ,,од понеделник не пијам газирано и ќе одам во теретана” но, никогаш не појде. За сменување на постапките ти текнува тогаш кога ќе се сетиш дека можеби некој ќе те види дека хартијата ја фрли на земја, не во контењер. И знаеш дека ќе ја крениш само доколку забележиш друг човек. Само за да се покажеш како ,,добра личност” пред него. Само за да не добиеш ,,морална осуда”. Иако цело време знаеш дека нештото е погрешно, во моментот ти беше полесно. Погрешна одлука, погрешен избор.

Тука доаѓам до два заклучоци:

  • Во животот може да постигниме се што ќе посакаме
  • Во животот не може да постигнеме ама баш ништо

Доколку целосно се фокусираш на нешто, вложиш труд, желбата ти е поголема од жалењето на самиот себеси, тогаш можеш да имаш апсолутно се. Доколку пак гледаш кој што ќе рече за тебе, што рекла Цвета, Гоце, Мара, Бојан или кој и да е, доколку ти е полесно да се жалиш отколку да се потрудиш…. народски кажано ,,маф ти е планот”.

Сепак на крајот секој човек живее и умира со неговите лични избори. На крајот од денот во твојот живот, најважен треба да си бидеш ТИ!

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот