Дозволете двете цртки од тестот за бременост да ве изненадат

      Стапнавте на лудиот камен, ја направивте свадбата, медениот месец помина како низ сон и веќе почнавте да размислувате за тоа да се реализирате во улогата на родител. Вашите врсници веќе имаат 3-4 годишно дете, кај некои на пат веќе е и второто, па некако сосема природно и кај вас се раѓа желбата да станете родител. Веќе почнувате да си замислувате како ја туркате количката на вашето бебе и кроите планови за формирање на семејство и препуштање на сите слатки обврски и маки што само по себе ги носи родителството.

     На почетокот сте големи оптимисти, но како што поминува времето месечниот циклус започнува да ве потсетува дека сте далеку од посакуваните две цртки и тогаш во вас почнува да се бранува чувство на немир и грижа.

     Прво што ќе направите е тоа да му се обратите на вашиот матичен гинеколог кој ќе ве увери дека се е во ред со вашето репродуктивно здравје и дека треба да останете сосема прибрани и трпеливи. Откако го исклучивте физичкиот фактор решавате проблемот да го споделите со своите најблиски, но притоа не сте ни свесни дека тоа ќе ви донесе разноразни совети од типот да го промените начинот на живот до работи кои во друга ситуација би ги сметале за сосема нелогични. Сите луѓе блиски до вас одеднаш ќе станат експерти и ќе ве насочуваат да превземате активности кои само дополнително ќе го зголеми огнот што гори во вашата душа. Тука нема да изостанува ниту притисокот од страна на вашите родители, кои на секоја средба ке ве прашуваат дали има нешто ново, кога ќе станат баба и дедо.

     Вашата преголема желба да станете родител го блокирала вашиот мозок. Единствено што треба да направите е да престанете да живеете во исчекување. Понекогаш преголемата желба го држи нашето тело во постојано исчекување и не оддалечува од целта да станеме родители. Немојте да дозволите да живеете во постојан грч, сакајќи да ја предизвикате судбината. Едноставно, поминувајте повеќе време со партнерот без да се оптеретувате со прашањето дали месецов ке се случи. Таа неизвесност ви создава дополнителен притисок. Дозволете водењето љубов да ви причинува задоволство, а не обврска затоа што сега се вашите плодни денови и денот кога ќе  настане овулација. Насмевнете се на секое ново утро, спортувајте, променете го вашиот стил на живеење, конзумирајте фолна киселина и мака, елиминирајте го стресот и на крај препуштете се на божјата волја, Бог има план за секој од нас.

 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот