Ако Македонија е библиска земја, Галичник е нејзината последна реликвија!

Пискотници се слушаат од Галичник до Река, што тешка несреќа ги збра и мажите, и жените. Ова се првите зборови, кои ми паѓаат на памет возејќи се по тесниот пат кој продира до срцето на Галичник. Место кое мора да се посети, место кое е е сведок на страшни несреќи, но и зелено катче, парче земја на кое Господ подарил и премногу, катче во кое се насликани најубавите бои на природата. Патот полека се стеснува. Станувате сведоци на недопрена природа возејќи се полека. Одеднаш гледате поворка со луѓе кои јаваат коњи, и на тој начин уживаат во природата. А пак тие, коњите уживаат во друштвото на нивните храбри јавачи. Чекорејќи низ Галичник се среќавате со најретката вегетација, цветови во зелена боја, мирис на чај, мирис на планина и остар планински воздух. Високите планински врвови се остри како шила, делејќи ја глетката на два дела, копното и воздухот. Токму во јули температурата во текот на денот не се искачува повеќе од дваесетина степени. Галичките очи ве гледаат од сите страни, додека градите ви се полнат со остар, студен воздух.

 

Полека вртејќи се,зад вас, всушност забележувате колку сте високо и се чувствувате моќно, се чувствувате како да сте добиле крилја. Крилја, кои ќе ве вивнат во височините, кои ќе ви помогнат да го видите светот. Бидејќи, оттука и навистина може да се види целиот свет. И вистина е и тоа, дека ова е најубавиот подарок на Македонија. Додека патувате, кога ќе подзастанете со автомобилот, околу вас како извајан стои снегот, на кој ниската температура не му дозволува да се стопи. Тој стои како нем сведок на зимата и ги исполнува вашите очи со снежна белина.

Патот е се потесен. Набрзо се наоѓате во селото кое е распространето по планината. На средина се наоѓа црква, која со векови им посакува добредојде на посетителите. Црква која во душата ќе ви внесе мир и спокојство. Таков мир, што посакувате да останете уште малку и да се помолите. Во зима селото е празно, раскажува дедото кој се грижи за црквата, желен за разговор. Има само двајца жители, маж и жена кои остануваат. Тие веројатно се најсреќните луѓе на светот - помислувате. Бидејќи, се сведоци на најпрекрасната зимска идила која Галичник ја подарува. Да го паркирате своето возило на првото слободно паркинг место е најдоброто што може да го направите ако сте во Галичник. И секако, после добрата прошетка низ недопрената природа, да  се упатите  кон некое од околните ресторанчиња каде на терасите, кои  нудат најспектакуларен поглед, ќе вкусите топла пита со кисело млеко. Шетајќи можете да уживате во типичната галичка архитектура, која се одликува со камени куќи изградени на две до три катни висини. Типично стрмни и со покрив во облик на пирамида. Од нив, како да извира историјата и ви ги испишува сите случки во тој момент, толку живи и реални, како сведоштво за историјата, за  секоја капка крв, секоја мака и среќа на семејствата, староседелци во селото. Гледајќи ја сликата пред себе, ви се пресекува здивот.

 Главна дејност долго време било овчарството. Сепак, после Балканските војни  и нивното негативно влијание, се повеќе галичани заминувале на печалба, оневозможени да се бават со оваа дејност. Селото е најстаро во мијачкиот предел и сведочи за Мијаците, сведочи за секоја солза на мајките и сопругите, тагата во срцата, при  испраќањето на своите најмили на печалба и животот исполнет со болка и искушение,  чекајќи ги со денови, месеци и години да се вратат и повторно да зачекорат во Галичник.

Претрпувајќи војни, ропства, исламизирање, селото сепак ја доживува својата експанзија на населување во времето на турското ропство, каде според приказните кои се пренесувале од поколение на поколение, заради тешката достапност на селото и стрмнината на планината Бистра, било масовно населувано. За „големината“ на Галичник зборуваат и имињата на некои историски личности кои оставиле белег на македонската историја, а потекнуваат токму од Галичник, како Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Панајот Гиновски и други. Во лето пак, можете да доживеете вистинско враќање на вековната традиција, ако дојдете на Галичката свадба, која се одржува секоја година на големиот христијански празник Петровден. Звукот на тапанот ќе ви одѕвонува во ушите, а изведбата на орото “Тешкото” ќе ве допира длабоко во душата, предизвикувајќи ви ја истата болка, како вашите предци.

Покрај прекрасните пејзажи со кои ви се полнат очите, пак, тука вкусната храна е подарок за вашите сетила за мирис и вкус. А, без да ги вкусите најубавите пити, едноставно не смеете да заминете. И така,задоволни ја продолжувате прошетката низ селото.

Галичник нуди една од ретките прошетки, која е како времеплов низ историјата. Историја, која оставила болна трага, и која тешко може да се заборави.

После обиколката на селото помислувате дека е време да се вратите дома. Но, тоа е најлошата одлука која можете да ја донесете, ако претходно не сте  седнале на некое место и не сте дишеле галички воздух. Дали е поразличен, ви се причинува или вистина е така. Да, галичкиот воздух е најубавиот и најчистиот. Тука, здивот  застанува, а погледот се губи некаде далеку низ планините и ви доаѓа да викнете силно од среќа, да си го слушнете гласот кој како изблик на среќа сам ќе излезе од вас, а планината ќе го врати како ваше ехо, за да ве потсети дека, тука е почетокот и крајот на светот.

Затоа, дефинитивно вреди на ова место да дишете со полни гради, размислувајќи што ќе направите понатаму. Бидејќи, ова е место кое ве инспирира, мотивира и прави да сфатите колку високо може секој од нас да стигне во животот. Токму како Галичник, на врвот. Се враќате дома со задоволени сетила, полни со убавини, слики, бои,вкусови.

 Ако Македонија е библиска земја, Галичник е нејзината последна реликвија! Богата со чудесни и волшебни предели и недопрена природа.

 

Сакајте ја Македонија!

                          

                                         

 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот

Студент на економија во Виена со посебна страст кон пишување проза и поезија, како и изработка на креативни декоративни предмети во декупаж техника. Странски јазици: германски, англиски и шпански Travel blogger