Како да бидеме посреќни
Станувам утрово, сончевите зраци допираат до мене и ми го галат лицето. И како да не станеш со насмевка? Додека се облекувам, го гледам сопругот како спие и си велам колку сум среќна што го имам. Влегувам во собата на децата тивко, да не ги разбудам и пресреќна сум што ги имам, што ми се блиску до мене, што се здрави и живи. Додека се спремам за на работа, се заблагодарувам за кровот над глава што го имам, за меката перница, за топлата постела, за топлата вода, за облеката што ја имам, за работата што ја имам, за парите кои ми ги носи работата. За здравјето, за очите што ми гледаат, за ушите што ми слушаат, за нозете кои ме служат. И за многу други работи.
Можеби додека го читате ова си мислите дека имам сопруг милионер, дека имам куќа палата или работа во сопствена фирма, па затоа сега можам и да бидам благодарна и да живеам среќно. Не. Јас сум жена која живее со просечни примања во Македонија и работи во фабрика. Мојот сопруг работи во приватна фирма за плата. Ние сме едно од обичните семејства во нашава земја. И одбрав да бидам среќна. Да, одбрав. Одбрав да не кукам наутро кога ќе станам за на работа, да не ја проколнувам владата и нашата "бедна" земја. Одбрав да не му ги гледам маните на сопругот, туку само доблестите. Одбрав да чувствувам благодарност кога ќе си ги видам децата, зашто сега некој некаде плаче за деца кои ги нема. Некоја мајка моли за здравјето на своето дете. Одбрав да бидам благодарна за кровот над глава, затоа што сум свесна дека некој го нема. Одбрав да бидам благодарна за храната, за водата која ја пијам, затоа што некој ја нема. Одбрав да бидам благодарна затоа што можам да гледам, затоа што некој некаде не гледа. Одбрав да бидам благодарна затоа што можам да слушам, затоа што некој некаде не слуша. Одбрав да бидам благодарна за моите нозе, затоа што некој сега не може да оди. Имам здрави раце кои можат да си го прегрнат саканиот, детето, родителите, пријателите. Некој не го може тоа. Некој нема раце, или пак му се неподвижни. И зошто не можеме сите да гледаме вака на работите, зошто повеќето од нас ги земаат работите здраво за готово? Зошто не можеме да бидеме среќни сега, со тоа што го имаме, туку секогаш ни фали само уште нешто за да бидеме среќни? Кога ќе купиме нешто, или ќе постигнеме нешто, тоа ни дава чувство на задоволство некое време па брзо го забораваме и одма се стремиме кон нешто друго. Па нешто друго и така во круг. А не дај боже да го изгубиме тоа што го имаме, е тогаш ни текнува дека воопшто и било до нас. Многу често правиме така. Било да се работи за предмети или за луѓе. Тажно, но вистинито.
Колкумина од Вас се свесни за автомобилот што го имаат? Колкумина се благодарни за автомобилот кој го возат? Или само седнувате, го стартувате, возите по улиците лутејќи се на метежот во сообраќајот, несовесните возачи, пешаците кои излегуваат пред Вас. И сега Вие дури и треба да бидете благодарни на автомобилот. Е како да не. А кога ќе се расипе, ако треба со автобус да одите до работа, тогаш можеби ќе помислите колку е добро да го имавте автомобилот.
Истото го правиме и со луѓето околу нас. Ајде бидете искрени, колку пати го гушнавте Вашето дете? Или, дали го гушнавте? Бидете искрени за себе, не за мене. Дали му кажавте дека го сакате? Му кажавте ли на сопругот, сопругата, девојката, дека ја сакате? Им се јавивте ли на родителите да им кажете дека ги сакате, дека Ви значи што ги имате? Прашајте ги тие што ги загубиле своите сакани што би дале само уште еднаш да можат да ги гушнат, да им кажат дека ги сакаат, што би дале само за уште еден ден поминат со нив.
И јас не бев одсекогаш со вакво размислување. И јас ги земав работите здраво за готово. Се лутев многу често, сите ми беа виновни за мојата тага, за мојата несреќа. Можев да се лутам и да не разговарам со сопругот и по неколку дена. Децата најчесто беа тие кои најмногу страдаа. Мојот живот повеќе не беше живот кој сакам да го живеам. Најпрво почнав да се убедувам дека сопругот е виновен, кога тој би постапувал поинаку ние би биле посреќни како семејство. Потоа, децата да ми беа помирни и поразбрани, јас ќе бев посмирена. Потоа, да имав друга работа и поголеми примања, ќе беше подобро. Добив и друга работа, и поголема плата, но ништо не се смени на подобро.
Најчесто ни е потребно нешто да ни се случи, да не разбуди, да не тресне од земја за да се освестиме. Но зошто да чекаме да дојде до тоа, зошто да не почнеме да живееме подобар и посреќен живот уште денес?
Драги луѓе погледнете околу себе, сигурно ќе најдете нешто за кое можете да бидете благодарни. И ако изгледа дека светот околу Вас се руши, побарајте. И за навидум безначајно нешто што го имате, заблагодарете се.
Благодарноста е првиот чекор кон посреќен живот.
Ако ова што го напишав допре макар до само еден човек, ако го смени погледот кон животот само еден од Вас, ќе ми биде доволно.
Мора да сте логирани да напишете коментар.