Како да останете мотивирани кога ништо не ви оди од рака?

Кај секој од нас постојат периоди кога ништо не ни оди од рака. Колку и да се трудиме да го испланираме денот, неделата, месецот, да ги организираме сите активности и обврски и да стигнеме навреме да завршиме сè - никако не успеваме во тоа.

Во ваквите периоди се јавуваат фрустрации, нервоза, па дури и анксиозност и депресија. Се чувствуваме како животот да се свртел против нас и колку и да се трудиме да одиме напред, нешто постојано нè влече назад.

Психолозите се согласни дека ваквите периоди постојат и се нормални кај секој човек. Обично треба да ги оставиме да поминат, а во меѓувреме да се посветиме на други нешта кои ќе нè исполнат со позитивна енергија и да се надеваме дека брзо ќе поминат. Но, постојат и неколку начини на кои можеме да ја зголемиме продуктивноста дури и во ваквите моменти:

Прифатете ја ситуацијата

Доколку секој ден се будите со негативна енергија и паника дека ништо нема да успеете да направите, така и ќе биде. Фрустрациите ќе родат нови фрустрации и ситуацијата дополнително ќе се влоши. Колку и да е тешко, прифатете ги нештата онакви какви што се и верувајте дека лошите денови нема вечно да траат.

Пронајдете мотивација

Секој ден си носи своја убавина. Обидете се да уживате во малите нешта – првата шолја кафе, паузата за ручек со колегите, убавото време надвор и слично. Најдете си мотивација што ќе ви помогне да одите напред. Наградете си го секој ваш успех – колку и да е мал и незначаен. Обидете се да разговарате со некоја блиска личност или ако има потреба и со стручно лице.

Преземете одговорност

Можеби најважниот чекор за да излезете од која било ситуација како победник е да ја прифатите и да преземете одговорност. Вие сте сами креатори на она што ви се случува без оглед на околностите. Имате избор да се будите секој ден со негативни мисли и без волја за промена или да преземете одговорност и да направите макар и најмал чекор во вистинската насока. Не ги обвинувајте другите луѓе или настаните околу вас, туку обидете се да го извлечете максимумот од секој ден.

Грижете се за себе

Грижата и љубовта кон себе се клучни за сите работи во животот. Доколку сте во период кога ништо не ви оди по план можеби е знак да се „исклучите“ и да се свртите кон себе. Дефинирајте што е тоа што ви предизвикува негативни емоции, во кое опкружување се чувствувате непријатно, а одговорите на овие прашања ќе ви дадат насока во која треба да продолжите.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот