Циркусот е најчесто патувачка група на изведувачи, која се состои од акробати, кловнови, магионичари, жонглери и дресирани животни. Претставите најчесто ги одржуваат во големи кружни шатори, во кои постојат клупи и столчиња за гледачите.
Во некои од претставите настапуваат егзотични дресирани животни, како мечки, мајмуни, тигрови, лавови, слонови, како и домашни животни како коњот и кучињата.
Човекот отсекогаш сакал да се забавува. Од самиот почеток на цивилизацијата постојат маѓепсници, акробати, скротувачи на ѕверови и кловнови коишто го забавуваат светот.
Во стара Грција се одржувани трки на бојни двоколки, во Кина постоеле циркуски акробати, во Египет скротувачи на диви животни.
Првите циркуси биле сосема поинакви од денешните. Постоеле во стариот Рим, а претставите се одржувале во огромната арена наречена Circus Maximus. Таа е изградена во III век пред новата ера и подоцна проширувана се додека не била во состојба да собере 150.000 гледачи. Главната атракција била трките на бојните двоколки, а помеѓу трките публиката ја забавувале акробати, играчи на јаже и јавачи.
Римјаните ги посетувале овие циркуси како што ние денес одиме во циркус или на панаѓури. Таму имало продавачи на печива, вино (додека денес се продаваат безалкохолни пијалоци) и разни други стоки. Влезот бил бесплатен.
Во Рим се одржувале и разни други претстави, кои со време станале дел од она што ние денес го викаме циркус: претстави со маѓепсници, акробати, скротувачи на ѕверови и играчи на јажиња. Постоеле дури и мечки што умееле да се боксираат. А на тркалиштата вештите јавачи јавале по два коња одеднаш, скокале од едниот на другиот коњ во трчањето - со еден збор, публиката го гледала се она што постои и во модерните циркуси.
Во средниот век немало организирани циркуси, туку одделни трупи крстосувале ваму-таму, прикажувајќи разни вештини. Англичанецот Филип Естли во 1768 година го основал првиот циркус, кој наполно личел на денешните.
Во Лондон изградил зграда со голем број седишта и кружен простор за изведувачите. Се прикажувале јавачки вештини, а постоеле и акробати, кловнови и играчи на јаже. Оваа замисла ја прифатиле и други луѓе, па така циркусот станал омилена забава во целиот свет.
Мора да сте логирани да напишете коментар.