Денес, кога снимате и сликате се што ќе ви падне на ум, во било кое време и на било кое место благодарејќи на новите и софистицирани фотоапарати, но и смарт телефони и останати уреди, тешко можете да замислите дека биле потребни стотина години за експериментирање пред да стане можно ова.
Фотографијата не ја измислила една личност. Да си претставите само што се се случувало пред да се усоврши фотографирањето до овој денешен степен, накусо ќе ви ја изнесеме неговата историја.
Меѓу XI и XVI век луѓето имале таканаречена „мрачна комора“ и со нејзина помош можеле да проицираат на хартија форма што можела да се нацрта со рака и така се добивале цртежи на природни глетки. Со неа не се „снимала“ слика.
Во 1568 година Даниело Барбаро мрачната комора ја снабдил со сочиво и променлив отвор (бленда) за да се изостри сликата. Томас Веџвуд и Сер Хамфри Дејви во 1802 година со помошта на контактен печат добивале силуети и слики на хартија премачкана со нитрат од сребро, но тие отисоци не биле трајни.
Во 1816 година Жозеф Ниепс направил примитивна фотокамера од кутија за накит и сочиво што го симнал од еден микроскоп, и успеал да сними негативна слика. Вилијам Талбот во 1835 година од негативот прв добил позитив и така направил трајни слики.
Првата слика на Жозеф Ниепс
Во 1839 година Луј Дагер ја открил таканаречената дегеротипија, преку која фотографијата се добивала на сребрена плоча со помошта на жива. Со време поединци од целиот свет давале се нови и нови придонеси. Многу од тие пронајдоци се премногу стручни и сложени за да можеме овде да зборуваме за нив, но како што гледате, тој процес на развој бил бавен и долг.
Најпосле, во 1888 година, на пазарот е изнесена фотографска камера од системот „Кодак“. Камерата се продавала со наместен филм доволен за 100 снимки. Откако ќе се потрошел филмот, заедно со камерата му е враќан на производителот во Рочестер, каде што филмот е развиван, а камерата полнета со нов филм и му била враќана на сопственикот.
Тој фотографски апарат веројатно значел почеток на популарната фотогарфија, ваква, каква што е денес, кога луѓето во целиот свет снимаат милијарди слики дневно.
Мора да сте логирани да напишете коментар.