Комерцијална Vs. Природна и Органска Козметика
Грижата на кожата е неизоставен дел од нашата секојдневна рутина. Како најголем орган на човековото тело таа бара соодветен третман и нега. Доколку се земе во предвид фактот дека се она што го нанесуваме на нашата кожа таа го апсорбира во внатрешноста на нашиот организам, станува јасно дека соодветната грижа за нашата кожа всушност претставува и грижа за нашето целокупно здравје. Токму поради тоа од огромна важност е да направиме правилен избор на производите кои ги употребуваме во нашата рутина за нега на кожата. Иако комерцијалната козметика е најчесто застапена и најлесно достапна, во последно време се поголем замав заземаат природната и органската козметика. Зголемената свесност за соодветна нега и здравјето на потрошувачите, како и свесноста за одржлив развој и заштита на животната средина, ја наведоа козметичката индустрија да стави акцент на пронаоѓање и изработка на нови формули кои се во согласнот со принципите на органската, или пак природната козметика.
Комерцијална козметика
Судејќи и според самото име, ваквата козметика во својата формулација претежно содржи синтетички состојки како силикони, нафтени деривати (paraffinum liquidum, petrolatum, vaselina, mineral oil, cera microcristallina итн.), парабени, силикони и сл. Ваквите состојки се некомпатибилни со заштитниот липиден слој на кожата, како и со нејзиниот микробиом поради што често ја нарушуваат нејзината функција, предизвикуваат нејзино сушење и иритација.
Голем дел од кремите наменети за лице и тело всушност претставуваат емулзии, кадешто водената фаза секако ја сочинува вода, додека во најчест случај кај комерцијалните производи, масната фаза ја сочинуваат нафтенидеривати и силикони. Како емулгатори најчесто се применуваат некои синтетички хемикалии, додека пак како конзерванси начјесто се користат парабени или други видови на конзерванси од синтетичка природа. Неизбежно парфемот кај ваквите производи е исто така синтетички. Кога станува збор за активните состојки пак, тие можат да бидат синтетички или пак природни. Дури и кога станува збор за природни активни состојки во ваквите прозиводи, кога ќе се земе предвид фактот дека нафтените деривати заземаат најголем дел од целокупниот состав на ваквите производи, станува јасно дека тие немаат никакво потхранувачко или корисно дејство.
Доколку ја погледнеме етикетата на било кој комерцијален козметички производ можеме да забележиме дека речиси секогаш нафтените деривати се наоѓаат на второ место, веднаш после водата. Ова ни укажува на фактот дека тие се застапени во најголем процент. Главниот проблем во ова е нивното својство да формираат слој на масен филм врз кожата, со што го попречуваат нејзиното нормално дишење. Воедно, активнити состојки кои ги има во формулата никогаш не би имале можност да навлезат во самата кожа и да имаат било какво потхранувачко или регенерирачко дејство. Меѓудругото, неможноста на кожата правилно да разменува вода со околината, токму поради масениот слој кој го формираат нафтените деривати, предивикува нејзино зголемено задржување на површината, со што се формираат совршени услови за развој на бактерии и габи, кои обожаваат влажна средина. Токму ова е најчестата причина за појава на кожните инфекции.
Слично дејство имаат и силиконите (dimethicone, cyclomethicone, quaternium 80 итн.), кои најчесто се употребуваат поради тоа што даваат убава структура на самиот производ. За жал, тие се масовно користени и покрај фактот што тие воопшто и не се биоразградливи. Ваквите состојки воопшто не се компатибилни со нашата кожа, поради што е невозможно да бидат апсорбирани од нејзина страна. Како резултат тие постојано се натрупуваат на нејзината површина, креирајќи еден вид на бариера оневозможувајќи и правилно дишење, а воедно и оневозможува било какво дејство или впивање на корисните состојки од формулацијата.
Парабените (methylparaben, ethylparaben, propylparaben итн.) пак, кои исто така се масовно застапени во козметичката индустрија поради нивната способност да го продолжат рокот на траење на производот, иако не се сметаат за посебно штетни и покрај некои мислењата дека тие имаат способност да предизвикаат хормонален дисбаланс во човековиот организам, фактот дека се способни преку кожата да навлезат длабоко во целото тело, би требало да ја поддигне свесноста кај козметичката индустрија за нивна ограничена и контролирана употреба.
Природна и Органска козметика
Иако често овие два термина се мешаат, па најчесто голем дел од луѓето сметаат дека се работи за ист тип на козметика, вистината е сосема поинаква. Пред се, природната козметика содржи природни состојки во својата формулација, како и понекоја хемиска состојка застапена како резултат на присуството на емулгатори, парабени или конзерванси. Природните состојки може да бидат производ на органско или неорганско земјоделство, што најчесто е соодветно назначено на самата декларација. За жал, ваквиот термин често се злоупотребува. Имено иако некои производи на пазарот се пласираат како “природни”, кога би обрнале внимание на декларацијата веднаш би ни станало јасно дека станува збор за производ кој во својот состав содржи нафтени деривати, силикони и други синтетички состојки, кои во никој случај не би требало да бидат застапени во еден природен производ.
Кога станува збор за биодинамичката козметика може да се каже деа помалку или повеќе за неа важат истите стандарди како и за органската козметика. Најчесто состојки застапени во формулите на ваквиот тип на козметички производи, доаѓаат од биодинамичка култура, при што земјата за сеидба, семето и компостот најчесто доаѓаат од сопствено производство, при што во секој сегмент на одгледувањето и приозводството се исклучува употребата на синтетички хемиски средства.
Слично како и кај биодинамичката козметика, и кај органската се почитуваат одредени стандарди и принципи. Имено, природните и активни состојки во оваа козметика доаѓаат токму од органското земјоделство, при што производните средини се строго контролирани и сите култури во нив се строго одгледувани без никаква употреба на пестициди или хемиски ѓубрива. Ваквиот тип на козметика во својот состав во никој случај не содржи нафтени деривати, SLES (Sodium Laureth Sulfate), синтетички бои и конзерванси, парабени, силкони, PEG и нивни деривати итн. АΙΑΒ, ΙCEA, BIDH, EcoCert и Nature се дел од институтите и здруженијата за органски сертификати, чии стандарди се почитувани од страна на производителите на органска козметика и чии логоа се истакнати на пакувањата на ваквите производи, со што се олеснува нивното препознавање.
При анализа на декларацијата на еден органски производ може да се забележи дека покрај водата која ја претставува водената фаза, застапени се растителни масла и путери како претставници на масната фаза, додека пак емулгаторите и активните состојки се исклучиво од природно потекло. Како парфем во овие производи се употребуваат етеричните масла, а пак како конзерванси се употребуваат исклучиво оние кои се одобрени од институциите за органски сертификат.
Секако, би требало да се земе во предвид фактот дека не постои ниту еден производ кој е 100 % органски. Во секој од овие производи има состојки кои не е возможно да се сертифицираат како органски. Пример за ваква состојка е секако водата. Како природна состојка која е дел од природата, за неа не постојат стандарди по кои таа може да се сертифицира како органска. Воедно тука спаѓаат и емулгаторите, конзервансите и сурфактантите кои очигледно се природни состојки, но сепак тие се преработени во процесот на проиводтсво, поради што не постои начин за нивно сертифицирање како органски и покрај тоа што тие се органски и биоразградливи. Најчесто, на голем дел од производите, на самата етикета е јасно назначено во колкав процент се застапени органските состојки.
Мора да сте логирани да напишете коментар.