Во македонскиот спорт после осамостојувањето забележани се доста битни, но и големи и со титули и пехари закитени европски и светски спортски моменти. Како во индивидуалниот, така и во колективниот спорт.
Но со овие статии поделени во три дела ќе се позабавиме со една хронолошка рекапитулација на битните моменти, добрите резултати и освоените трофеи во колективниот спорт, а ги има доста и уште се паметат, затоа што оставија траен печат, запишаа историја и како големи успеси ќе сведочат и за сите идни генерации.
Пред да започнеме, би се осмелиле да кажеме дека тоа се моменти за кои доколку некој не бил нивен директен сведок, би требало да ги знае, од причина што спортот а посебно успесите во него се едни од најголемите амбасадори на секоја земја.
1. Словенија - Македонија, Крањ 1993 година
- На 13ти октомври 1993 година во Крањ, Словенија, фудбалската репрезентација на Македонија го одиграла својот прв меѓународен натпревар. На овој натпревар Зоран Бошковски ја пишува историјата на македонскиот фудбал како стрелец на првиот гол за македонската репрезентација, во победата од 4:1 против домаќинот. Стрелци на останатите голови биле Дарко Панчев, Чеде Јаневски и Драган Канатларовски.
Составот со кој настапила нашата репрезентација под водство на Андон Дончевски бил следниов:
Зоран Мицевски, Кире Грозданов (од 63. минута, Неџмедин Мемеди), Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски (од 86. минута, Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (од 12. минута, Горан Георгиевски, а од 73. минута, Саше Милошевски) и Тони Мицевски.
https://www.youtube.com/watch?v=br0V1jy8r8U
Првиот домашен меч нашата фудбалска репрезентација го одиграла на 23 март 1994 исто против Словенија (победа од 2:0).
Првиот официјален натпревар нашите фудбалери го одиграле против Данска, во рамките на квалификациите за Европското првенство во Англија 1996 година.
Стрелец на првиот гол на еден официјален натпревар за нашата репрезентација бил Митко Стојковски, во натпреварот кој завршил 1:1. Во групата противници ни беа уште и Шпанија, Белгија, Кипар и Ерменија.
2. Борачки клуб Бучим Јака, 1995 и 1996 година
- Во 1995 и 1996 година се случиле едни од најголемите успеси во македонскиот колетивен спорт, кога екипата на БК „Бучим Јака“ станала европски и светски клупски шампион во борење.
Европската титула во 1995 година ја освоила во борење во слободен стил, во Париз, Франција.
Година подоцна во Радовиш, го освоила и првото место на Светскиот интернационален куп во борење, во кој учествувале шампионите од Европа, Америка и Азија.
Со тоа, БК „Бучим Јака“ до ден денес е единствен македонски клуб со Светска и Европска клубска титула.
https://www.youtube.com/watch?v=HTV3ZhmQbVk&feature=youtu.be
(Видео „Бучим Јака“ светски клубски првак 1996 )
3. Ѓорче Петров, 1996/97 сезона
- Во сезоната 1996/97, женскиот ракометен клуб на Ѓорче Петров станала прва екипа од Македонија која изборила пласман во групната фаза во Лигата на шампиони во ракомет. Историскиот успех и момент минал преку патот на квалификациите во кој ѓорчепетровки за противник ја добиле екипата на Егле Вилниус (Литванија) и со вкупен резултат од 61:49 успеале да се пласираат во групната фаза во која покрај Виборг (Данска), Будуќност Подгорица (Црна Гора) и Граничар Ѓурѓевац (Хрватска) го освоиле второто место, пласман што ги однел во 1/4 финалето од натпреварувањето во кое загубиле од Мар Валенсија (Шпанија).
4. Светско првенство во ракомет за жени, Германија 1997 година
- Својот прв и огромен успех нашата женска ракометна репрезентација го остварила на Светското првенство во ракомет што се одржало во Германија во 1997 година. Во групата Д заедно со Русија, Данска, Чешка, Словенија и Кина постигнала резултат за паметење, завршувајќи на втората позиција преку која изборила и пласман во нокаут фазата. Но тука не бил крајот. Во 1/8 финалето ја совладале репрезентацијата на Романија, и стасале до 1/4 финале во кое биле поразени од Германија.
Со конечен пласман на високото 7мо место, ова е секако година, резултат и успех за паметење.
Покрај овој шампионат, нашата женска ракометна репрезентација успеала да избори завршница и на Светските првенства во 1999 година (Данска и Норвешка), 2001 година (Италија), 2005 година (Русија) и 2007 година (Франција).
5. Р.К. Јафа Промет, 1997/1998 сезона
- Тимот на Р.К. Јафа Промет (денес Р.К. Преспа) во сезоната 1997/1998 станал првиот машки ракометен тим од Македонија кој успеал да се пласира во завршницата во Лигата на шампиони во ракомет. После освојувањето на домашната титула во 1996/97 сезона екипата добила право да учествува во Лигата на шампионите, што ја прави прва екипа од Македонија со пласман во завршницата.
Во група со Лемго (Германија), Фотекс (Унгарија) и Кабот Зубри (Чешка) екипата на Јафа Промет завршила на третото место.
Сезона и момент за паметење и историја, без сомнеж.
Јафа Промет - Лемго
6. Европско првенство во ракомет за мажи, Италија 1998 година
- Нашата машка ракометна репрезентација за првпат изборила пласман во завршницата на едно натпреварување во 1998 година, кога се пласираше во групната фаза на Европското првенство во ракомет во Италија 1998 година. Како дел од групата Б заедно со Шпанија, Русија, Унгарија, Хрватска, Чешка завршивме на последното место со 1 освoен бод.
Бевме 12ти и последни и во конечната табела.
Покрај овој шампионат, нашата машка ракометна репрезентација успеала да избори завршница и на Европските првенства во 2012 година (Србија), 2014 година (Данска) и 2016 година (Полска).
7. Европско првенство во ракомет за жени, Холандија 1998 година
- Женската ракометна репрезентација остварила голем успех истата година како и машката репрезнтација, кога за првпат се пласираше во завршницата на Европското првенство во ракомет за жени, одржано во Холандија 1998 година. Во група со Норвешка, Данска, Полска, Русија и Шпанија избориле пласман на 4тото место во групна фаза, а 8мо во конечниот распоред.
Покрај овој шампионат, нашата женска ракометна репрезентација успеала да избори завршница и на Европските првенства во 2000 година (Романија), 2006 година (Шведска), 2008 година (домаќини) и 2012 година (Србија).
8. Светстко првенство во ракомет за мажи, Египет 1999 година
- Ракометната репрезентација на Македонија во 1999 година првпат забележила пласман во завршницата на Светските првенства, кога се пласирала на Светското првенство во ракомет, одржано во Египет. Во група со Германија, Египет, Куба, Бразил и Саудиска Арабија со освоени 2 поена завршивме на претпоследното 5то место, а 18ти од 24 репрезентации во конечната табела.
Покрај овој шампионат, нашата машка ракометна репрезентација успеала да избори завршница и на Светските првенства во 2009 година (Хрватска), 2013 година (Шпанија), 2015 година (Катар) и 2017 година (Франција).
Мора да сте логирани да напишете коментар.