Во македонскиот спорт после осамостојувањето забележани се доста битни, но и големи и со титули и пехари закитени европски и светски спортски моменти. Како во индивидуалниот, така и во колективниот спорт.
Но со овие статии поделени во три дела ќе се позабавиме со една хронолошка рекапитулација на битните моменти, добрите резултати и освоените трофеи во колективниот спорт, а ги има доста и уште се паметат, затоа што оставија траен печат, запишаа историја и како големи успеси ќе сведочат и за сите идни генерации.
Во продолжение, Ви го претставуваме вториот дел.
9. Европско првенство во кошарка, Франција 1999 година
- Нашата кошаркарска репрезентација својот прв голем успех го оствари во 1999 година со пласманот во завршницата на европското првенство во Франција во 1999 година. Во групата А заедно со СР Југославија, домаќинот Франција и Изарел завршивме на последното, 4то место, а со конечен пласман на местото број 14 пред Босна и Херцеговина и последната Грција.
Покрај овој шампионат, нашата машка кошаркарска репрезентација успеала да избори завршница и на Европските првенства во 2009 година (Полска) и 2011 година (Литванија).
10. Кометал Ѓорче Петров сезона 1999/2000
- Во сезоната 1999/2000 или седма по ред во новиот начин на натпреварување во Лигата на шампиони во ракомет за жени, екипата на Кометал Ѓорче Петров, низ една незаборавна сезона за паметење стаса до финалето, кадешто загуби од екипата на Хипо Банка од Австрија. Патот до тоа загубено финале, но голем предзнак на она што ќе се случи после 2 години, екипата на Кометал Ѓорче Петров го мина низ квалификации (Победа против Башчараж од Луксембург), а во групната фаза изборија прво место во конкуренција со Ференцварош (Унгарија), Мец (Франција) и Виборг (Данска). Низ нокаут фазата екипата на Кометал Ѓ.П. беше подобра од екипите на Бекелагетс (Норвешка) 1/4 финале и Динамо Волгоград (Русија) во полуфиналето.
Во финалето против Хипо Банка пресуден беше првиот натпревар во кој екипата на Кометал Ѓ.П. загуби 32-23 за да во реваншот оствари недоволна победа од 22-20.
11. Кометал Ѓорче Петров сезона 2001/2002
- Она што не им успеа на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров во сезоната 1999/2000 во Лигата на шампиони во ракомет, им успеа после 2 сезони, во која со златни букви и пехар ја испишаа завршницата на натпреварувањето, но и историјата на македонскиот колективен спорт.
Патот до финалето и титулата на Кометал Ѓорче Петров водеше преку групната фаза Д во која покрај Монтекс Лублин (Полска), Крим Неутро Робертс (Словенија) и АКВА Волгоград (Русија) го освоија првото место. Во 1/4 финалето екипата на Кометал Ѓ.П. беше подобра од Феробус КУ Мислата (Шпанија), додека во полуфиналниот меч против Ларвик покрај нерешените 50:50 од двата дуела, ѓорчепетровки поради правилото „Гол во гости“ се изборија за своето второ финале во Лигата на шампиони.
Во незаборавното финале против ХЕРЦ Ференцварош од Унгарија, после поразот од првиот меч од 27:25, во реваншот во преполниот СРЦ „Кале“ ѓорчепетровки предводени од Кастратовиќ, Платон, Радуловиќ, Нацева, Бујанова, Малахова, Будимир, Ферзалиева и останатиот колектив, славеа со 26:22 што беше доволно да бидат победници во финалниот дуел и да го освојат златниот пехар. Финале и победа со кои славеше не само Кометал Ѓ.П., не само спортот во Македонија, туку и целата држава, едногласно и еуфорично. И имаше причина зошто.
12. ФК Вардар, квалификации за Лигата на шампиони во фудбал, сезона 2003/04
- Секој навивач на ФК Вардар, секој љубител на фудбалот во нашата држава кој секако, активно ги прател случувањата од почетокот и средината на 2000те години, во свежо сеќавање би требало да му стои фудбалскиот поход на ФК Вардар во квалификациите во Лигата на шампиони во фудбал во сезоната 2003/04, кога тимот иако не успеа да се пласира во самата завршница, во групната фаза, сепак постигна еден голем успех во фудбалска Европа.
Откако во рамките на првото квалификациско коло ја елиминираа екипата на Бери Таун (Велс), во второто коло следеше битката на „Давид и Голијат“, „Црвено-црните“ за противник го добија гигантот од Москва, екипата на ЦСКА. Во првиот меч во Москва екипата на Вардар сензационално славеше со 1:2 (До 90та минута имаа водство од 0:2). Недела дена подоцна, во реваншот во Скопје Вардар успеа да издржи, не потклекна на резултатскиот притисок, и оној на улогата на аутсајдер, и со нерешени 1:1 против сите обложувања и шанси се пласира понатаму.
Момент од мечот Вардар - ЦСКА
Во последното, трето квалификациско коло, противник на Вардар му беше екипата на Спарта Прага од Чешка. Во првиот дуел, во еден трилер меч во Скопје Вардар беше поразен со 2:3, но следуваше уште поинтересен реванш во Прага, кој за жал на Вардар, а за среќа на противникот заврши со резултат 2:2, и со тоа со вкупен резултат од 4:5, во една рамноправна борба од два натпревара, Вардар беше елиминиран.
https://www.youtube.com/watch?v=jXUf6iDhLYI
(Видео од мечот Вардар - Спарта Прага)
Како елиминирана екипа во рамките од третото квалификациско коло за Лигата на шампиони, Вардар доби шанса преку Плеј оф да се бори за пласман во Куп Уефа. Но среќата воопшто не го послужи и за противник ја добија суперсилната екипа на Рома од Италија. Со вкупен резултат од 5:1 „Римската волчица“ го елиминираше нашиот првак, и со тоа заврши успешниот и плоден поход на ФК Вардар таа сезона, кој засекогаш ќе остане запаметен и запишан во историјата на клубот, и срцата на навивачите.
13. Кометал Ѓорче Петров сезона 2004/05
- Екипата на Кометал Ѓорче петров успеа по третпат да се пласира во финалето во Лигата на шампиони во ракомет за жени. Финале кое го загубија од Слагелсе од Данска.
Мора да сте логирани да напишете коментар.