Моменти кои го одбележаа македонскиот колективен спорт (Трет дел)

Во македонскиот спорт после осамостојувањето забележани се доста битни, но и големи и со титули и пехари закитени европски и светски спортски моменти. Како во индивидуалниот, така и во колективниот спорт. 

 

Но со овие статии поделени во три дела ќе се позабавиме со една хронолошка рекапитулација на битните моменти, добрите резултати и освоените трофеи во колективниот спорт, а ги има доста и уште се паметат, затоа што оставија траен печат, запишаа историја и како големи успеси ќе сведочат и за сите идни генерации.

 

Во продолжение, Ви го претставуваме третиот, завршен дел.

 

14. Европско првенство во кошарка, Литванија 2011 година.

 

 

- На европското првенство во кошарка кое се одржа во Литванија во 2011 година, нашата кошаркарска репрезентација стаса до 1/2 финалето, кадешто бевме поразени од шампионот Шпанија. Во еден шампионат за паметење, во кој бевме први во групата (покрај Грција, Финска, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора).

Во 1/4 финалето бевме подобри од домаќинот Литванија, со победата од 67-65, после која настана она фамозна реченица „Леле луѓе што направивме“.

https://www.youtube.com/watch?v=j4HF60_Qul0
(Видео од натпреварот Македонија - Литванија)

Пласман во 1/2 финале, пласман за испишување на голема спортска историја во македонската кошарка, додека спортските фанови, јавноста, цела држава „дишеше“ во едно, како едно со кошаркарите. После поразот од непобедливата Шпанија во 1/2 финалето, игравме натпревар за 3то место кој го загубивме од Русија.

 

Не се закитивме со медал, но секако успехот што нашата кошаркарска репрезентација го постигна на овој шампионат засекогаш ќе остане изгравиран во статистиката на нашиот спорт, но и во нашите срца.

 

 

15. Европско првенство во ракомет, Србија 2012 година.

  

 

- Успехот што нашата машка ракометна репрезентација го постигна на Европското првество во 2012 година одиграно во Србија, засекогаш ќе остане запишан во аналите на нашата спортска историја. Во рамките од првата фаза во групата А, бевме подобри од Шведска и Чешка, а зад Германија, со што обезбедивме пласманот во главната фаза во која покрај Србија, Данска, Германија, Полска и Шведска бевме трети. Не изборивме пласман во 1/2 елиминационата фаза, но завршивме како 5ти во конечниот распоред на првенството

  

 

16. Европско првенство во фудбал за играчи до 21 година, Полска 2017 година

 

- Фудбалската селекција на Македонија до 21 година во октомври 2016 година ни приреди огромно фудбалско задовлоство, но и испишаа историски момент за паметење кога во решавачкиот дуел со Шкотска и триумфот од 2:0 успеаја да се пласираат на Европското првенство во фудбал за играчи до 21 година во Полска.

 

Во конкуренција на Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Фарските острови освоивме прво место што значеше директен пласман во завршницата.

Шампионатот го завршивме на последното место во групата Б со освоен еден бод, покрај Шпанија, Португалија и Србија.

 

 

 17. РК Вардар Лига на шампиони, 2016/17 сезона

 

- Во сезоната 2016/17, ракометниот клуб на Вардар испиша историја како прв машки ракометен клуб од Македонија кој ја освоил Лигата на шампионите. Во една незаборавна сезона за самиот клуб, за спортот во нашата држава, но и за сите навивачи и народот, со многу трилер натпревари решавани буквално во последните секунди, па и стотинки, РК Вардар успеа да го освои златниот пехар. Во групната фаза покрај Килце (Полска), Пик Сегед (Унгарија), Ловен (Германија), Мешков Брест (Белорусија), Загреб (Хрватска) Цеље (Словенија) и Кристианстад (Шведска) Вардар го освои првото место.

 

 

Во Фајнл форот, во полуфиналето со голот на Лука Циндриќ на 4 секунди до крај ја победи екипата на Барселона. Европската титула во финалето против Парис Сен Жермен на Вардар му ја донесе голот на Чупиќ на една секунда пред истекот на регуларните 60 минути. Какво финале !

 https://www.youtube.com/watch?v=NEasONngksA

(Видео од последните моменти на финалето Вардар - Парис Сен Жермен)

 

 

18. ЖРК Вардар Лига на шампиони, 2016/17 сезона

 

- Ракометарките на Вардар одиграа фантастична сезона во рамките на Лигата на шампиони, стасуваќи до самото финале, во кое несреќно и после продолженија загубија од Ѓер (Унгарија).

 

Во групната фаза беа први покрај ФТЦ Карго Унгарија (Унгарија), Будуќност (Црна Гора), Мец (Франција), Турингер (Германија) и Астраканочка (Русија).
Во 1/4 финалето и 1/2 финалето славеа сигурни победи против Митдјиланд (Данска) и ЦСМ Букурешт (Романија) кои беа бранители на титулата.

Во финалето, одиграно во спортската сала „Лазло Пап“ во Будимшешта, пред 12.000 публика, екипата на Вардар беше поразена после продолженијата со резултат 31:30.

 

 

19. ЖРК Вардар Лига на шампиони, 2017/18 сезона

 

- Ракометарките на Вардар повторно со незаборавна сезона и сезона со ракометна доминација во однос на своите противници стасаа до финалето, и имаа шанса да и се реваншираат на екипата на Ѓер (Унгарија) за поразот во финалето од претходната сезона. Но како и претходното, така и во ова финале ракометарките на Вардар беа поразени  со 1 гол разлика во еден до крај неизвесен меч после продолженијата.

Патот до финалето беше сличен како оној од сезоната пред тоа, во групната фаза беа убедливо први покрај Мец (Франција), ФТЦ Карго Унгарија (Унгарија), Будуќност (Црна Гора), Битлгем (Германија) и Турингер (Германија).

Во 1/4 финалето беа во двомечот против Митдјиланд (Данска) беа сигурни со 56:48, а во фајнл форот, 1/2 финалето славеа убедлива победа против Ростов-Дон (Русија).

https://www.youtube.com/watch?v=mgz2K1eSrnQ

(Моменти од финалето Ѓер - Вардар)

Во финалето одиграно во спортската сала „Лазло Пап“ во Будимшешта, пред 12.000 публика, екипата на Вардар повторно беше поразена после продолженијата со резултат 27:26.

Навистина жално, но две сезони по ред ракометарките на Вардар во продолженијата ги изгубија финалињата против Ѓер (Унгарија).

 

 

20. ФК Вардар Европа Лига, 2017/18 сезона

 

- Уште една фантастична сезона за паметење на ФК Вардар, овојпат крунисана со историски успех и пласман во групната фаза во Лига Европа.

Пласман кој го направи тимот на ФК Вардар прва фудбалска екипа од Македонија која успеала да се пласира во завршницата на едно европско натпреварување.

Се почна со второто квалификациско коло во рамките на Лигата на шампиони, од причина што Вардар како актуелен шампион на Македонија таа сезона својот поход го започна во најелитното европско натпреварување. Према бодувањето на УЕФА, Вардар го прескокна првото коло, но во второто за противник ја доби екипата на Малме (Шведска). Вардар иако аутсајдер, успеа да го елиминира шампионот на Шведска со вкупен резултат 2:4 (1:1 во Малме, 3:1 во Скопје).

 

                                      Малме - Вардар

Во третото квалификациско коло Вардар со вкупен резултат од 4:2 беше елиминиран од ФЦ Копенхаген, првакот на Данска, со што патот до Лигата на шампиони за Вардар беше завршен. Но како поразена екипа во рамките од третото коло во ЛШ, Вардар го чекаше плеј оф за Лига Европа против турскиот гигант Фенербахче.

Со двете сензационални победи од 2:0 во Скопје, и 2:1 во Истанбул, Вардар испиша историја и се пласира во групната фаза од Лига Европа.

https://www.youtube.com/watch?v=j1mOvZOXe14

(Видео од натпреварот Вардар - Фенербахче)

Тоа значеше дека во Скопје низ три кола ќе се игра фудбал од висок ранг. Како можни противници на Вардар, меѓу останатите беа и екипите на Лацио (Италија), Атлетик Билбао (Шпанија), Марсеј (Франција), Арсенал (Англија), Лион (Франција), Милан (Италија). Но ждрепката сакаше Вардар да биде во последната група Л, со Зенит (Русија), Реал Сосиедад (Шпанија), Розенборг (Норвешка).

Со само еден освоен бод во рамките на последното коло против Розенборг, во Скопје, екипата на Вардар заврши на последното место на табелата.

 

 

21. РК Вардар Лига на шампиони, 2018/19 сезона

- Уште една сезона во која по пауза од една година, екипата на РК Вардар повторно се закити со титулата шампион на Европа. И сеуште е актуелен првак поради отажувањето на шампионатот за сезоната 2019/20 како последица од пандемијата COVID - 19.

Во рамките на групата А Вардар беше трет покрај убедливата Барселона (Шпанија), Телеком Веспрем (Унгарија), Килце (Полска), Ловен (Германија), Мешков Брест (Белорусија), Монпеље (Франција) и Кристанстад (Шведска).

Поради третата позиција, избори пласман во првата нокаут рунда преку која мораше да се бори за патот до 1/4 финалето. Во таа рунда беа подобри од Загреб (Хрватска).

Во 1/4 финалето под машнеријата на Вардар падна Пик Сегед (Унгарија). Следуваше сензационалната победа во 1/2 финалето против фаворитот Барселона од 29:27.

Во финалето кое се одигра на 2 јуни 2019 година во преполната „Ланксес Арена“ во Келн ракометарите на Вардар со 27:24 ја победија екипата на Телеком Веспрем (Унгарија) нивниот ривал од групната фаза.

 

https://www.youtube.com/watch?v=E50a3LPgqyY

(Моменти од финалето Вардар - Веспрем)

Со таа победа РК Вардар се закити со својата втора титула во Лигата на шампиони во ракомет.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот

Низ мојата омилена парола "Without ART, Earth is just just EH", во прв план и како за мене битни секогаш ги ставам музиката, филмот и уметноста општо. Понекогаш и некоја добра книга, и фудбал секако. Обожавам квизови и енциклопедии, а батериите највеќе ми ги полнат звуците на природата, далеку од метежот и гужвите.