Докажано: на Уран и Нептун врне дожд од дијаманти

Научниците долго време се сомневаа дека на Уран и Нептун можеби врнат вистински дијаманти. Сега оваа претпоставка доби уште една потврда, бидејќи најновите експерименти го докажуваат тоа, објави Би-Би-Си.

Двете планети припаѓаат на таканаречените џинови од мраз, иако всушност супстанцијата од која се составени е во гасовита состојба, а нејзината температура достигнува неколку илјади степени.

Атмосферата и на Уран и на Нептун се состои главно од хелиум и водород, но потешки елементи и супстанции, вклучително и метан, исто така се присутни. Според хипотезата, на длабочина од околу 7000 км, температурата и притисокот достигнуваат таква вредност што метанот мора да се распаѓа во неговите составни елементи: јаглерод и водород.

Како резултат на тоа, водородот како полесен се крева во атмосферата, а јаглеродот под влијание на околината се претвора во дијамантски кристали и полека се спушта поблиску до јадрото.

За да ја потврдат оваа теорија, истражувачите од американската Национална лабораторија СЛАЦ на универзитетот Стенфорд решија да создадат услови на Земјата слични на оние што се наоѓаат во длабочините на Уран.

Научниците на СЛАЦ успеаа да го направат овој експеримент со помош на уникатна лабораториска опрема и наместо метан (CH4) користеа стирен (C8H8) - неговите физички својства се повеќе како супстанца во која метанот се претвора под огромен притисок и температура.

Теоријата за појава на дијаманти на овие ледени гиганти беше претставена пред неколку децении - и оттогаш постојано се потврдува, како со пресметки, така и на експериментално ниво.

Во 2017 година, тоа беше речиси докажано од експерти од истата лабораторија СЛАЦ во Калифорнија. Тогаш тие го користеле материјалот во екстремни услови со (MEC) оптички ласер, но сега - со помош на нова прецизна опрема - процесот на конвертирање на јаглерод во дијаманти е проучен многу по детално.

Научниците знаат релативно малку за Уран и Нептун, најдалечните планети во нашиот сончев систем. И двете планети се толку далеку од Земјата што само вселенското летало Војаџер 2 можеше да стигне до нив - но едноставно леташе покрај нив, бидејќи немаше за задача внимателно да ги проучува овие планети.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот