Научи ја да биде убава личност, не само убава девојка!

Во твојата утроба има мало анѓелче со кое заедно растете. Го чувствуваш секое нејзино движење, дури и она неосетливото. И возвраќаш со нежен допир со кој и кажуваш колку нетрпеливо ја очекуваш. Кога конечно ќе ја допреш, ќе ја помирисаш и за прв пат ќе ја прегрнеш го започнуваш твојот нов почеток и ја пронаоѓаш смислата на твојот живот. 

Создавате нераскинлива врска со незамислива моќност. Заедно плачете на првите грчеви, заедно се успивате, неуморно го очекуваш нејзиниот плач за повторно да ја погалиш и повторно да ја припиеш кон себе. Скокате од среќа на првото зборче, се радуваш на првото забче и пушташ солза на нејзиниот прв чекор, бидејќи тоа и е првиот чекор кон независноста, а ти сеуште не си подготвена да ја пуштиш од себе. 

Гледаш пред себе како расте, но не прифаќаш дека времето така брзо минува. Секоја секунда максимално ја искористуваш да создадеш нови и нови моменти на кои многу ќе се смеете и засекогаш ќе ги паметите. Знам, времето тече и ти се бориш за нов спомен. Нека ги има многу, никогаш нема да ти биде доволно. 

Но сега повеќе не е истата малечка, сега имаш огромна задача пред себе. Покажи и дека фактот што е женско не е понежниот пол кој треба да биде погазен, напротив тоа е нејзината силна страна. Незапирлива, бестрашна, горда, борбена и цврста да ја издржи секоја препрека, тоа е таа, тоа е нејзината моќ што ќе ја направи незаменлива. 

Смелоста допушти и ја без двоумење. Дозволи и да ги вкуси сите оние нешта кои ти не би сакала да допрат до неа. Само така без трошка страв ќе чекори низ животот и непоколебливо ќе патува кон своите цели. 

Да биде паметна своеволно да го прави изборот за секоја нејзина одлука. Тоа значи да се почитува себе, своето мислење и своите принципи кои сама ќе си ги постави. Но истовремено секогаш да стои одговорно зад нив. 

Биди покрај неа кога прв пат ќе падне, кога ќе ја боли раката, коленото, стомачето, на секоја гребнатинка, лузна и биди и потпора за да се издигне. Соочи ја со болката и пронајдете начини како да ја издржи и совлада. Животот понатака ќе и зададе потешки болки од ударот во масата или падот од лизгалката. Но, таа ќе биде силна за да не потклекне и уште посилно ќе се исправи и продолжи понатаму. 

Да верува во себе, не заборавај буквално секогаш! Ниту еден збор, ни еден удар да не и ја наруши самодовербата, колку и да е силен. Она може да оствари, се што посакува. Секоја замислена фантазија за неа е возможна, немој ни еден ден да пропуштиш да и го повториш тоа. 

Ќе биде тешко, и помалку болно за тебе, но за неа независноста ќе биде многу значајна. Така ќе ја почувствува слободата и желбата да го зграби животот во свои раце. Задовоството да биде исполнета со себе и сама да управува со контролата на животот, ќе ја возвишат бескрајно да не би се издигнал никој над нејзината личност. 

Внимателно да одбира што ќе допушти да се доближи до неа. Да биде интелегентна да ја препознае лагата која е трула и површна, наспроти искреноста која е волшебна и  реална. Верувај никогап нема да биде потценета нејзината личност. 

Храброста која лично јас ја обожувам, бидејќи добиваш неизбежен успех. Така ќе осознае што посакува длабоко во себе, дури и понекогаш ќе треба да ризикува, но нема да се откаже. Храбро ќе посегнува кон се она што ќе и пружи животот и ниту еден мост нема да се издигне на патот кон нејзината цел. Ситни камчиња неколку пати ќе ја сопнат, ама она порешително ќе зачекори. Секако ќе удира силна шлаканица на сето она што ќе нагази на нејзините соништа, не осврнувајќи се кон последиците кои би биле нејзина понизност.

Нека започне толку жестоко, што ни една молња не би ја запрела. Решително да чекори по тенок мраз, водена со своја воља и желба дури и да напукне. Упорно да распламнува при секој обид да биде згасната. Тој блесок кој ќе жари од неа да ја сруши и најцврстата карпа која ќе застане пред неа. 

Најважното, секојдневно учи ја на љубов. Докажи и дека е волшебна и беспрекорно чиста. Нека извира безрезервно од нејзиното срце и таа да и биде главната водилка. Да сака, многу да сака и да не ја штеди. И, кога нема да и биде возвратена, да продолжи да верува и уште посилно да љуби. Таа ќе и покаже колку е животот убав кога таа постои. 

Ти биди нејзин пример кој ќе сака да го достигне, а потоа само ќе се надоградува себеси. Кога ќе застане цврсто на своите нозе, ќе се заврти, ќе погледнеш прекрасна личност која фасцинира со својата недопирливост и гласно извикува не, на се што не посакува. Горда и полна со себе, бидејќи е своја и ја знае нејзината граница... да таа нема граница, има само трофеи кои само што не ги освоила. 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот