Секој човек има свои корени. Се раѓа и расте во семејство кое се грижи за него, му пружа дом и родителска љубов. Родителите се нашите најдобри пријатели и најголема подршка во секоја ситуација. Уште со самото раѓање, родителите се тие кои постојано бдеат над своето дете, го следат неговиот развој, го насочуваат и го охрабруваат смело да зачекори кон осознавањето на околината, полесно да го прифати опкружувањето и да се оспособи за самостоен живот. Родителите ги држат за рака своите деца и ги учат на нивните први чекори. Тие не креваат при секое паѓање, ги негуваат нашите раскрвавени колена и не тешат при секоја невнимателност. Со голема љубов и утешни зборови ни помагаат да ја пребродиме болката, да се научиме да станеме и уште похрабро да чекориме . Уште со самото раѓање децата се приврзуваат кон нивните родители. Особено значајна е улогата на мајката. Од нејзиното трпение, внимание и грижа зависи мирот и спокојот на детето. Доколку мајката е тажна, тоа ја чувствува нејзината вознемиреност и реагира со плачење и раздразливост. Од родителите децата ги учат своите први зборови и ги следат нивните постапки. Со текот на животот градат врска која се темели на меѓусебна доверба, грижа и љубов. Семејството е асоцијација за топлина, сплотеност и спокој. Главна база и основа за формирање на комплетно оформена личност, здрави навики, емоционално созреана, племенита личност полна со разбирање и почит.
Родителите се личности на кои им должиме се што сме постигнале во животот. Тие се лицата кои секогаш не бодрат да продолжиме понатаму и да не застанеме на ниту една препрека. Нашите успеси беа причина за нивна радост и гордост. Солзите радосници беа доказ дека сме ја оправдале нивната доверба. Родителите не престанаа да веруваат во вас и кога веќе не бевте мало дете на кое му е потребна љубов и подршка. Тие остаана со вас и во миговите кога го напуштивте семејното гнездо и создадовте свое.
Но, како што одминува времето, забележувате дека здравјето на вашите родители не ги служи баш најдобро. И покрај тоа што тие никогаш немаат навика да се пожалат и да ви побараат помош, говорот на нивното тело укажува на нешто сосем друго. Почнувате да се присетувате колку голем товар можеше да крене вашата мајка. Пред вас како на филмско платно се нижат слики од огромните торби за пазарење кои ги влечкаше преполни со разни намирници. Таа секогаш во својата прегратка ве носеше и вас, иако вашето живеалиште беше на петтиот кат. Кога бевте болни на нејзиното лице се забележуваа траги од умор и ненаспаност, но таа секогаш со насмевка и утешителни зборови ве уверуваше дека се ќе помине. Нејзините потреби секогаш беа ставени во втор план, вашите желби за неа беа главен приоритет.
Вашиот татко ве научи да пливате и да играте фудбал. Колку и да имаше напорен и стресен ден, тој никогаш не ја одбиваше вашата покана за заедничка дружба и игра. Секогаш ве уверуваше дека вие сте лекот за неговиот умор. Тоа беше момент кога му пријавувавте за сите ваши направени палавости и мигови кога ги споделувавте проблемите кои ја оптоваруваа вашата малечка детска главичка. Тој секогаш имаше решение и совет за се. Тие збрчкани раце денес со голема нежност ги галат и вашите деца. Кога постојано заглавувате на состаноци или сообраќајниот метеж е причина за вашето доцнење, вашите родители се тие кои без никаков приговор ги земаат вашите деца од градинка или училиште. Со многу поголема љубов и трпение го следат нивното растење и се радуваат на секој нивен успех.
Листата на добри дела кои вашите родители постојано ги прават за вас е бескрајна. Но, одеднаш како некое црвче, во вас се појавува грижа на совест - дали вие направивте доволно за нив, за на некој начин да им се оддолжите за целата грижа, посветеност и внимание. Вашите родители никогаш не ви приговараа кога ќе ја одбиевте поканата за заенички, семеен ручек со изговор дека имате многу работа. Дали навистина бевте толку зафатени или едноставно тоа што знаевте дека нема да се налутат беше причина да дадете приоритет на нешто сосем друго. Дали навистина имате толку набиена агенда, па никогаш не успевате да издвоите малку време да изпазарите и за нив или да ги придружувате додека одат на лекар. Вистина е дека не се мали деца, но подршката на секого би му значела. Дали навистина ви се позабавни дружбите со пријателите, па никогаш не наоѓате неколку минути слободно време за да поразговарате со вашите родители за нивните проблеми, да ги запрашате за нивното здравје и нивните чувства. Сепак и тие се човечко битие на кое му е потребно љубов и внимание.
Запомнете дека животот е непредвидлив и дека никој од нас не знае што носи следното утро. Иако, мислите дека го имате целото време на располагање, сепак животот е полн со изненадувања, а понекогаш тие знаат да бидат болни и непријатни. Искористете го вашето слободно време да им покажете на родителите колку ги сакате и ви значат. Иако никогаш неможете во целост да го подмирите ” долгот ” што го имате кон нив, сепак обидете се да им вратите со иста мера. За сите нивни добри дела, за се што ве научија гледајте со восхит и почит. Не поаѓајте од тоа дека навистина нешто им должите, затоа што никогаш нема да успеете во целост да ги израмните сметките. И да бевте најлошото дете на светот вашите родители ќе го дадеа најдоброто од себе, од вас да го извлечат максимумот, со цел да ве изведат на вистинскиот пат и да ви ги пренесат вистинските вредности во животот. Постојано, бидете благодарни за тоа што на вашиот животен пат имавте родители на кои секогаш можевте да се потпрете и рамо за да се одморите, а понекогаш гушнете ги и јавно пријнајте им дека никогаш немаше да бидете она што сте, да не беа тие, вашите ангели чувари на земјата.
Мора да сте логирани да напишете коментар.