Во овој момент ти си некаде на твојот пат низ животот. Го живееш истото темпо, како и повеќето, бидејќи сметаш дека така е правилно. Постојано брзаш да ги извршиш своите обврски, навремено да стигнеш на работа, да ги подмириш трошоците, да појдеш до маркет, не заборавај имаш закажано на фризер, козметичар...застани, колку време одвои за себе денес?
Да, тоа го заборави, и не само денес туку многу долг период го игнорираш тоа прашање. Сега седни пред огледалото и разговарај со личноста која ја гледаш пред себе. Верувај тоа ќе биде неверојатна средба!
Што гледаш пред себе, дали е тоа личноста која посакуваше да бидеш? Или, те разочара тоа парче стакло? Земи длабок здив и почни да ги бараш одговорите длабоко во себе. Те исполнува ли твојата работа, задоволна ли си со постигнатиот успех, тоа ли е твојата граница? Трагаш ли сеуште по твоите соништа? И, најважното дали личноста пред тебе е среќна?
Сите посакуваме да придонесеме за подобрување на светот, но промената започни ја од себе. Знам, изразот кој што го гледаш пред себе делува обесхрабрувачки. Истовремено, истиот ти кажува тргни и не застанувај, јас сум тука да те потурнам кога малку ќе подзакочиш. Не помислувај да се откажеш, секогаш ќе те потсетувам дека можеш подобро и верувам дека ќе успееш.
Не ти се допаѓа таа блузичка која ја носиш на себе, ослободи се од неа, не посакуваш да го пиеш тоа горко кафе бидејќи можеби топлиот чај во твојата удобна постела е подобра варијанта, токму тоа ти е сега потребно, тогаш одбери го чајот. Луѓето околу тебе ја цедат од тебе целата твоја енергија, наместо уште повеќе да ја распламенат, веднаш промени го опкружувањето. Онаа личност која себично ја држи твојата рака, се повеќе те притиска и гуши, одамна не ти украла една насмевка, нели? Пушти ја таа рака, веќе не ти е потребна, не гледаш како полека ја убива надежта во тебе.
Наврати се малку зад себе, побарај го последниот момент во себе кога душата ти беше исполнета со радост. После долго време ја гледам таа твоја срамежлива насмевка, го сакаш тоа чуство повторно да трепери во тебе. И, продолжуваш да копаш уште подлабоко, ги гледаш пред себе сите секунди кога ти си била среќната личност, полна со ентузијазам и твоите животни цели кои ти се на дофат на рака и неуморно се трудиш да ги освоиш. Погледни тоа се спомени кои многу вешто си ги потиснала и не дозволуваш повторно да заживеат.
Токму на тоа место ме зароби, ја исклучи мојата фантазија, ги згасна моите соништа за кои многу мечтаев, ги протера сите оние треперења од радост. Цврсто ги заклучи моите желби и страсти, кои ме исполнуваа и постојано ми го подаруваа чуството на задоволство. И, ми го одзеде моето секојдневие, насмевката за која бев уверена дека нема никогаш да биде само дел од моето минато. Сега, те молам исправи се, крени ја главата гордо и заедно да ја вратиме личноста која ја поскувавме денес. Можеш, сакаш сега повеќе од било кога, а јас ветувам дека ќе ја освоиме оваа борба и ќе успееме да излеземе како единствени победници,бидејќи тоа си ти....твоето огледало.
Избор секогаш постои и клучот на вистинската одлука е во твои раце. Немој стравот од препреките да те предизвика да го завртиш на погрешната страна. Овој пат ти припаѓа единствено тебе, исцртај го онака како би сакала ти, оди низ него како што секогаш си замислувала и не дозволувај никој да внесе темнина во која ќе се изгубиш. Почитувај ги своите принципи и ставови, и храбро гази напред остварувајќи се себе!
Не го пропуштај овој момент, пронајди се таму некаде и зграби го животот во свои раце. Немој да дозволиш на крајот од патот да биде повторно истиот одраз. Следната средба промената биди ти!
Мора да сте логирани да напишете коментар.