Во животот се` се случува со причина: помирете се со настаните и учете од нив

Некои луѓе едноставно не веруваат во судбина и не можат да го прифатат фактот дека ништо не се случува без причина како вистинит. Универзумот преку некој свој таинствен начин секој ден не` води низ патот наменат само за нас, пат што никој друг не може да го изоди. Чекорејќи низ тој пат ќе почувствувате радост, неизмерна среќа и благосостојба, но и големи разочарување, болка и страдање.

 

Верувале или не, убавите како и неубавите работи се скапоцена лекција од која треба да учите, да се го надградуваме вашето знаење и помудри да чекорите низ вашиот животен пат.

 

Секој човек кој ќе се појави во вашиот живот ќе ви донесе различни искуства од кои ќе научите многу. Ќе има многу луѓе кои ќе ве освојат, ќе ги засакате и ќе посакате да останат со вас вечно, но не сите луѓе се создадени да бидат дел од вашата животна приказна. Ќе има такви со кои ќе се разделите пријателски, но и такви кои ќе заминат без збор. Вторите ќе ве разочараат, по нив ќе тагувате, но и од нив ќе извлечете важни поуки и тие ќе бидат ваш пример за тоа какви луѓе не смеете да пуштате во животот. Ќе има грди, неубави луѓе, кои ќе посакате никогаш да не сте ги запознаеле, а сепак, токму тие ќе ви помогнат вистински да се запознаете себеси, да ја запознаете и темната страна на вашите емоции, како бес, љубомора, завист и омраза. Не ги одбегнувајте тие чувства, прифатете ги, анализирајте ги и оставете да поминат, па заменете ги со нови позитивни чувства и емоции. Човекот е емоционално суштество, според тоа неубавите како и убавите чувства се дел од секое човечко суштество.

 

 Ќе ви го скршат срцето на повеќе парчиња, но вие ќе се изградиме од почеток посилни, попаметни и уште поспремни да давате љубов, ама на вистинските луѓе. Ќе запознаете многу љубови, од оние чија нанесена болка ќе ве направи поиздржливи, до такви кои засекогаш ќе ве потсетуваат на едно убаво време. Прифатете ги сите љубовни искуства како вредни лекции и вистинската љубов во прав момент ќе затропа на вашата врата.

 

Ќе имате многу искрени пријателства со кои ќе ги пребродите најтешките моменти во животот, но и такви кои ќе се градат на лаги и лицемерие. Првите ќе траат скоро цел живот, а вторите ќе ве налутат, разбеснат и разочараат, ама и ќе ви дадат незаборавни поуки според кои во иднина ќе можете да препознаете вистинско од лажно пријателство.  Ако не ги искусите двете, како инаку би ги препознале?

 

Ќе имате, за жал, многу загуби, некаде во текот на животот ќе мора да се соочите и со загубата на родителите што неверојатно многу ќе боли. Страдањето ќе биде неподносливо, времето на соочување и помирување со фактот дека вашите драги не се повеќе со вас веројатно ќе биде многу долго. Тоа страдање ќе ве направи неверојатно силни и ќе ве потсети дека во секого од нас се крие неизмерна сила да ги преброди и најзастрашувачките ситуации. Знам дека се плашите, ама вие сте посилни отколку што мислите дека сте и мора да верувате во тоа.

 

Исто така, ќе бидете одбиени за работата за која мислевте дека сте совршени и тоа можеби не еднаш, туку повеќе пати. Универзумот на овој начин ќе ја отстрани пречката (работата за која ве одбиле) кон патот кон вистинската работа (онаа што кога- тогаш ќе ја добиете) која чека на вас и во која вие максимално ќе уживате и ќе се остварите како луѓе. Ќе бидете соочени со лоши шефови, алчни колеги, токсична работна средина, но и добри и вредни работници и фер шефови и ќе треба да ги одберете најдобрите нивни карактеристики од кои може да научите и да се надградувате кон постојан раст и развој.

 

Ќе има периоди кога ќе сте упорни и енергични, а и такви кога ќе сте мрзливи и неволни. Верувајте дека судбината ве штити од правење големи грешки тогаш кога едноставно ве мрзи да одите на некој настан на кој претходно сте решиле да одите. Така требало да биде, а можело да биде многу полошо доколку всушност сте се појавиле на планираното место. Ако внимателно ја следиме нашата интуиција може да се заштитиме од многу негативности. Секогаш верувајте ѝ на вашата интуиција и на вашиот внатрешен глас, тие знаат што е најдобро за вас.

Понекогаш ќе ги разберете причините поради кои нештата се случуваат, а најчесто нема, па по сто пати ќе се прашувате зашто тоа нешто ви се случило токму вам. Она што во тие моменти не го знаете е дека универзумот никогаш не греши, ќе биде токму така како што треба да биде, во времето кога треба да биде. Затоа главата горе, секое искуство претворете го во лекција која ќе ви помогне успешно да чекорите по патот на животот. Не откажувајте се колку и да е тешко, зашто после дождот, ама секогаш, сонце доаѓа.

 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот

Дипломиран преведувач од англиски и германски на македонски јазик и обратно, по професија SEO Content writer. Автор на книгата " Писма извајани од љубов". Текстописец за idol.mk.