Смртта не зближува?

Зошто смртта не зближува?
Која е поентата на тоа да ги „сакаш“ луѓето откако ќе починат.. Откако ќе го напуштат овој свет? Која е поентата на тоа да ја покажуваш таа љубов прекасно? 

 

Можеби цело време си ги сакал. Можеби цело време си ги сакала. Можеби си ги сакал/а родителите, пријателите, роднините. Но, не ја покажуваш таа љубов. Откако ќе ги изгубиш и буууум ти највеќе си ги сакал/а.

Додека се живи, додека се тука околу тебе, или ги гледаш премногу ретко.. Или пак наводно љубовта ја покажуваш со „грижа“. Со она народски кажаното „солење памет“. 

Има над 60 години, ужива во пиењето. Твојата грижа ја покажуваш со тоа што му „солиш памет“ за тоа дека не треба да пие, дека пиењето лошо му влијае, дека неговата психофизичка состојба се влошува од пиењето блабла. Тој почнува да те избегнува.. Му се спиело. Кажуваш „ете легна уште со кокошките, 7 саат тој во кревет“.. Па во кревет, нормално. Не сака да поминува време со тебе, не се чувствува убаво со тебе. Постојано му кажуваш за тоа дека нешто не прави правилно. Што очекуваш? 

Не си свесен дека на некој начин ти му ја влошуваш состојбата. Е сега како? Епа така, самата психологија на човекот е да сака да биде покрај оние кои прават тој да се чувствува добро со себеси. Човекот во најголем дел од ситуациите не е свесен дека тоа што ти му го зборуваш е за негово добро, бидејќи сакаш подолго да го имаш во животот. И тука една контрадикторност. Си зборувал/а за негово добро, не те слушал, си тера по свое, односите ви се „разнишани“, не сте блиски како порано.. се поради тоа што „ти добро му мислиш“. Му кажуваш она што мислиш дека е најдобро за него… според тебе.

И да се навратиме повторно на „него“. Тој сега почнува да пие уште повеќе, ти зборуваш уште повеќе. Ти се грижиш за него, тој тие работи не ги сфаќа како грижа, ги сфаќа како гушење. Буквално го гуши твоето присуство, твоите зборови.. научен е постојано да ги слуша истите зборови, научен е постојано да добива исти лекции. Сега веќе му е иста реакцијата, истата одбивност и при самото твое „здраво“, „добро утро“. Веќе не сака ни да го слуша твојот глас. 

 

Твојот глас го потсетува на она дека не е доволно добар. Дека не вреди. Дека прави само лошо. 

 

Бара спас. Спас во она што ти му го забрануваш.. спас во она што и претходно му помагало, спас во пиењето. 

 

Си се запрашал/а ли некогаш која е причината? Си го запрашал/а ли некогаш која е причината? Нели, сите имаме некаква причина за тоа што го правиме.. никој не прави ништо онака „од чиста мира“. 

 

Тој пие за да избегне од нешто што го мачи во животот, да избегне од некоја невозвратена љубов, изгубени пријатели, изгубени родители, малтретирање, неправди, од ситуации од неговото детство.. едноставно кажано од реалноста. Од оние ситуации кои во реалниот живот не можел да ги избегне. „Пијам да заборавам“ не е залудно кажано. Некој го искусил па затоа и го кажал.

Доаѓа ден. Го губиш. Веќе не е на овој свет. „Заминал кај многуте“ што би рекле. Не постои веќе. Постојат само спомените од него, спомените со него..

Кои се твоите спомени?
Болка, страдање? Го укривуваш него дека е виновен што веќе не е на овој свет? Да те слушал тебе и твоите истомисленици сметаш дека подолго ќе беше покрај вас? Подолго ќе живееше? 

Болка, страдање. Се сеќаваш на последниот разговор со него.. повторно му кажа дека не треба да пие, повторно ја имаше истата негова добро позната одбивна реакција. 

 

Дали тука владее љубовта или егото? Дали ние не можеме без таа личност и сакаме подолго да ја имаме во нашиот живот па несвесно всушност ја „убиваме“?

 

Болка, страдање. Седни, напиј се и ти еден пијалок. Седни со него. Седни со неа. Зборувај. И краток разговор би ги направил најсреќни личности.

 

Денес немаше да чуствуваш болка, немаше да страдаш.. немаше да се уништуваш себеси. Немаше да бараш кривица во некој. Тој е тој круг на животот, сите ќе имаме сличен крај. 

 

Денес кажуваш колку добар човек бил, денес кажуваш колку прекрасен татко бил, денес кажуваш колку прекрасен сопруг, пријател, комшија бил.. Денес веќе не е битно. 

 

Зошто смртта не зближува?
Која е поентата на тоа да ги „сакаш“ луѓето откако ќе починат.. Откако ќе го напуштат овој свет? Која е поентата на тоа да ја покажуваш таа љубов прекасно? 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот