Живееме во општество во кое се повеќе доминира компјутеризација и дигитализација. Речиси и да не постои човек кој не поседува телефон или компјутер. Секојдневно среќаваме деца од најмала возраст како на youtube каналите следат цртани филмови или слушаат некаква музика. Луѓето станаа преплавени и на некој начин зависни од социјалните мрежи: facebook, instagram, twiter…Секојдневната комуникација речиси и да не може да се замисли без употреба на маил, вибер, месенџер...Се почесто, во кафулињата или рестораните гледаме луѓе кои наместо да комуницираат меѓу себе, седат загледани во своите телефони или таблети. Најчесто, забележуваме ладен однос, без желба за дијалог. Кога се набљудува од страна на објективен минувач се забележува отуѓеност помеѓу луѓето. Вниманието е насочено на следење на некоја фотографија или коментирање за тоа кој каде го поминал викендот и од која локација се означил. Интимност и време за приватни моменти како да не постои. На тапет се пласираат сите животни активности, а бројот на лајкови и споделувања, стана главна преокупација и мерило за популарност. Секој значаен момент е прикажан на социјалните мрежи, од самото раѓање на некое бебе гледаме фотографии од неговите рачиња, ножиња, ги следиме првите родендени, имендени, домашни слави, одмори, зимувања, запросувања, свадбени веселби, годишнини и сл.
Сепак, иако светот стана едно глобално село, кога се ни е достапно и располагаме со голем број на информации кои се шират со поголема брзина од таа на светлината, луѓето се несреќни, затворени во вртлогот на сивилото, со мал праг на толеранција и за жал многу сиромашен речник, преполн со пцовки и вулгарности. Прашањето кое се наметнува е дали тоа се должи на тоа што луѓето престанаа да се дружат со книгите. За разлика од порано кога книгите претставувале светост и се чувале како најголемо богатство, денес книгите се оставени на забот на заборавот. Се помал е бројот на читателската публика, а страниците на книгите во библиотека се оставени да се полнат со прашина. Парите дадени за книга се сметаат за пари фрлени во бунар, а времето поминато во дружба со добра книга за залудно поминато време. Рака на срце, сеуште постојат луѓе кои придаваат значење на добра книга и наместо да го поминат времето гледајќи турски серии и шпански сапуници одлучуваат да дадат шанса на книга. Но, доста голем е бројот и на оние непријателски, настроени спрема книгите. Во време кога лесно може да се дојде до бараната книга, кога постојат книги во online изданија, кога постојат доста добро снабдени издавачки куќи и библиотеки, луѓето одлучуваат со часови да го прелистуваат својот facebook профил, добивајќи информации за животот на лица со кои немаат физичка врска, наместо да се едуцираат и восприемат корисни информации. За жал, ретко се читаат книги кои се задолжителни и во образовниот процес. Се оди на варијанта да се препише од етикетираниот бубалица во класот или да се добие сознание за содржината на книгата доколку според неа има снимено филм.
Ваквиот пристап не води кон создавање на неедуцирана нација. Не треба да не чуди сиромашниот речник кај поголем број на луѓето. Лица кои располагаат со краток фонд на зборови имаат проблем во изразувањето, не умеат да ги искажат своите чувства, најчесто нивната порака не е јасно разбрана и во опкружувањето се доживеани како срамежливи и повлечени личности.
Често слушаме родители кои се жалат дека нивното дете веќе наполнило две или три години, а сеуште не зборува. Дали сте се запрашале кога последен пат сте одвоиле време за да му прочитате или раскажете некоја приказна или сказна пред заспивање на вашето дете. Кога вие бевте деца вашите баби и дедовци неуморно ви раскажуваа се дури целосно не ве превземеше сонот. Тоа беа долги маратонски разговори, се раскажуваа на долго и широко, а кога ќе побаравте да ви повторат , бабите и дедовците со големо трпение раскажуваа и по десетина пати. Денес, децата јадат со присуство на телефон, заспиваат со поцрвенати очи од зрачењето на телефонот. Немаат потреба од комуникација со зборови, се им е пласирано и лесно достапно. Наместо тоа, приредете им игра на децата со книгите. Дозволете заедно да ја изберете сликовницата која ја сака вашето дете. Уште од мали нозе укажете му на важноста од читање на книга. Но, претходно вие послужете му за пример. Не очекувајте вашето дете да лудува по некоја книга доколку ве гледа вас како ги зафрлате книгите во некој агол во вашиот дом и постојано го прелистувате телефонот. Потсетете се дека порано вашите родители и наставници ви кажуваат дека книгата е најдобриот пријател на човекот. Потсетете се на сите гатанки, пословици и песнички кои ги знаевте.
Престанете да се жалите и постојано да барате изговори зошто на вашата полица за книги сеуште стои непрочитана книга. Немањето време не е добра причина и јак изговор. Ако имате време постојано да бидете активни на социјалните мрежи, може да одвоите половина час за дружба со книга. Книгата само ќе ви помогне да го растерате лошото расположение, ќе ги разбистри вашите мисли, ќе ве оддалечи од секојдневните грижи и проблеми, ќе ве направи трпелива и грижлива личност, одговорна за себе и околината.
Запомнете, книгата не ви е непријател и не ве оддалечува од реалноста. Таа е само ваш сојузник, наоружете се со знаење и богато искуство. Кога тогаш ќе ви затреба.
Мора да сте логирани да напишете коментар.