Совети кои ќе ви помогнат да ја напишете вашата прва книга

Да бидеме искрени, да се биде писател воопшто не е лесно, барем не како што навидум изгледа. Доколку и вие сте љубители на пишаниот збор и сакате да издадете книга, ама никако да ја завршите, еве неколку совети до треба кои да се придржувате за полесно да го изведете пред светот вашето прво чедо.

 

Створете навика. Да, знаеме дека инспирацијата доаѓа ненадејно и кога најмалку очекуваме, ама ако постојано чекаме да не пукнеинспирација, таа може да не дојде со денови, недели па и месеци. Ако одлучите да пишувате секој ден во одреден период кој вас ви одговара, многу побрзо ќе стигнете до посакуваната цел. Определете си временски период кој вам ви одговара, некои писатели се најпродуктивни наутро, додека други се ноќни птици. Во добри денови, напишаното може да биде и неколку страници, додека во лоши само неколку реченици. Сепак, подобро една реченица, отколку ништо, нели?

Најдете го вашето совршено место и амбиент. Откријте каде вашите мисли најдобро се преточуваат во напишани реченици, дали дома или пак на отворено, во парк, можеби во кафе бар. Дали вие подобро пишувате во тишина, или во треба тивка музика? Дали треба да седнете на удобно столче, или па можеби на под. Совршеното за вас катче е идеално само за вас и треба во него вие да се чувствувате слободно, удобно и спремни да пишувате со часови. Ако ве мотивира зеленило, излезете на тераса, или внесете неколку цвеќиња во собата во која пишувате. Ако ве инспирира музика, симнете си плеј листа што ви одговара.

Пишувајте во свој стил. Многу познати писатели даваат совети за тоа какви и колку долги да бидат речениците, параграфите, главите, каква да биде формата, структурата и сл. Мојот совет е да не се обидувате да пишувате по нечии други замисли, туку да ги преточите своите мисли на хартија или на монитор најблиску што можете од она што сте го замислиле во глава. Најдобрите дела во историјата секогаш биле револуционерни за свое време. Ова не значи дека по секоја цена треба да напишете нешто различно, туку едноставно, следете ја својата интуиција и пишувајте во стил кој најмногу ви одговара токму вам.

Читајте многу. Скоро и да не постои писател кој не е прво страстен читач. Читајте се` што ќе ви падне во рака, од белетристика, поезија, модни списанија, до научни трудови и интернет блогови, никогаш не знаете од каде ќе добиете некоја брилијантна идеја. Колку повеќе читате, толку повеќе идеи ќе добивате и ќе го разбивате и надополнувате вашиот стил.

Бидете спремни за измени. Вашето дело ќе претрпи многу измени. Не зборувам за измените кои ќе ги прави лектор и издавач, туку вашите лични измени. Без разлика дали се работи за збирка раскази, поезија, роман или драма, создавањето на било какво литературно дело е еден сложен, долгорочен и комплициран процес. Скоро никогаш првата верзија на вашата книга нема да биде и последна  и тоа е сосема во ред. Затоа е многу корисно ако имате на кога да му го дадете вашето на дело на читање: близок пријател, професор, експерт чија критика ќе биде добронамерна и ќе ве насочи понатаму каде и на што да обратите внимание.

Не очекувајте совршенство. Без разлика колку пати ќе го препрочитате и измените, големи се шансите дека вашето дело нема да ви звучи и се чита перфектно. Тоа е сосема нормално, бидејќи знаеме дека совршенство не постои. Следете ја вашата интуиција кога ќе одлучувате кога вашето дело е спремно да излезе пред светот, таа нема да ве излаже. Ако се мислите дали имате интуиција, не грижете се, секој писател ја поседува, па и вие.

Имајте трпение. Верувајте му на творечкиот процес и дајте си време. Добри дела (па и било какви дела, на крај) не се создаваат преку ноќ. Процесот на пишување одзема време, енергија и бара голем напор и прожртвуваност, но кога конечно ќе го држите во рака и ќе ги прелистувате страниците под прстите, сиот тој труд и неспиени нoќи или рани мугри ќе се исплати.

Бидете оригинални. После толку векови литературно творештво и бесконечен број издадени литературни дела, многу е тешко да се напише нешто оригинално. Знаеме и дека се` што ќе напишеме е варијација на нешто веќе напишано. Па сепак, нашите мисли се само наши, сите ние сме посебни и уникатни човечки суштества, а со тоа, ако доследно ги пренесеме нашите мисли, нашите дела ќе бидат уникатни.

И за крај бидете храбри. Бидете упорни во докажување на своите идеи и не плашете се да ги браните. Бидете спремни дека можеби вашето дело нема да му се допадне на секому, ама знајте дека ќе има такви и кои ќе останат одушевени. За вкусовите не се дискутира нели?

Со среќа кон освојување нови светови со помош на пишаниот збор, некој таму некаде со нетрпение чека да ве чита, препрочитува, цитира и препорачува на други.

 

 

 

 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот

Дипломиран преведувач од англиски и германски на македонски јазик и обратно, по професија SEO Content writer. Автор на книгата " Писма извајани од љубов". Текстописец за idol.mk.