Тоше, засекогаш во нашите срца

Постојат личности кои се родени да бидат ѕвезди. Едноставно целиот универзум се обединува и работи во нивна полза, за тие да остават препознатлива трага во општеството и нивните дела да продолжат да живеат и кога тие самите физички нема да бидат присутни. Тие едноставно се обожавани од своите фанови кои со голема љубопитност го следат целиот нивен живот.

На нашето музичко небо блескаше една голема ѕвезда, твореше и пееше од душа, а неговиот глас го препознаваа и големи и мали. За време на својот краток живот, успеа да допре до срцата на многу луѓе, а во неговите песни успеаа да се пронајдат различни возрасни генерации. Подеднакво благонаклонет и пријателски расположен беше со сите.

Ова е текст посветен на  нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Идеата е да излеземе од стандардното клише да пишуваме и зборуваме за неговите дела само на денот кога се слави неговото раѓање или денот кога се случи кобната несреќа и прерано згасна животот на една голема музичка легенда. Спомнувањето на неговото име сеуште побудува чувство на тага и неверување дека големиот човек, ликот со ангелски глас повеќе го нема и дека од него останале само неговите песни за да не потсетуваат на силната порака која во секоја прилика ја пренесуваше, желбата да живееме обединети во љубов и со силна верба во Бог. Впрочем, религијта  беше негов двигател,  камен – темелник во животот, а љубовта икона, како еден стих од негова песна.  За љубовта вреди да се направи се. Тој одеше 1200 милји да го излажат уште еднаш, за да го почувствува копнежот кој ќе го натера да прости и пак да верува дека вреди да се сака, враќајќи се на местото на злосторот за пак да праша чија си, кој ја стави морската ѕвезда во прекрасните руси коси, за таа да стане повторно ледена кога врне дождот досаден, под еден чадор да се стиснам, некаде во ноќта, усни на усни, бескрајно како игри без граници...

Тоше Проески беше амбасадор во вистинска смисла на зборот. Со секоја негова појава, на најдостоен начин ја промовираше татковината, со целото нејзино културно творештво, убавина и фолклор. Неговото грло остана ненадпеано уште долги години после неговата смрт. Човек кој за време на својот краток живот создаде вредности кои останаа да се пренесуваат како аманет од генерација на генерација. Некои застарени песни, како Мајка на Марика думаше, преку неговата изведба достигна толку голема популарност, иако одамна беа оставени на забот на заборавот. И успеа да докаже дека само небото е достојно да биде негова граница. За време на неговите концерти, илјадници присутни луѓе со своите вклучени телефони, џебни светилки и сл. само за него правеа ѕвездено небо, извикувајќи го неговото име, радувајќи се на неговите хитови,  пеејќи ги сите, од почеток до крај, од прва до последна. И таа еуфорија траеше со часови.

Овој човек со широко срце не се штедеше во ниту еден момент. И со последните атоми на сопствените сили,  секогаш беше подготвен да му помогне на послабиот во невоља. Ќе остане запаметен како дел од многу хуманитарни акции и направени добри дела. Како личност која постојано се залагала за негување на основните семејни вредности, како основна нишка на целокупното човековото постоење. Преку  Македонија навива за вас “  уште еднаш докажа колкаво место во неговото срце има татковината. На овој начин, уште еднаш ја покажа посебноста на македонскиот народ и гордоста што е припадник на една таква нација. И после неговата смрт Македонија е горда на неговите дела, оддавајќи му значење за сите негови залагања и успеси преку кои се промовираше земјата.  Дека навистина е тоа така,  говори фактот што Арена Тоше Проески го носи неговото име.

Оваа наша голема музичка легенда во својата кратка кариера создаде големи вредности кои уште долго ќе се паметат. За него со љубов зборуваат и децата и постарите. На радијата постојано се вртат неговите песни, а во неговите стихови се пронааоѓаат многу заљубени души. Ве сакам сите беше неговото мото и денес, после толку време од неговата смрт,  сеуште одзвонува неговиот глас со истиот жар и јачина.  И покрај толку години сеуште постои неверување дека судбината си поигра со овој млад и надежен човек. Во мигот кога најавуваше блескава интернационална музичка кариера, тоа кобно утро се пренесе веста за неговата несреќа. Ангелот замина да биде во друштво на ангелите. Со солзи и жалење Македонија се прости од својата музичка легенда, со ликот кој им го разведруваше денот и преку својата музика им пренесуваше позитивна енергија нежност и убавина.

Тоше,  ако денес си сјајна ѕвезда на небото и однекаде бдееш над ова мало парченце земја, знај дека Македонија сеуште живее со твоите песни, твојот живот е пример за многу генерации, твоите дела се пренесуваат и уште долго, долго ќе предизвикуваш бури во срцата на многумина.  Големите луѓе не умираат никогаш, остануваат да бидат присутни и после нивната смрт. Ти ќе живееш вечно.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот