Три едноставни рецепти за кои ви се потребни само 30 минути!

Во денешно време, кога брзаме да ги завршиме сите обврски во текот на денот, дури и забораваме да обрнеме внимание на тоа што и како јадеме. Сите гледаме да нарачаме нешто брзо и да го изедеме на нога. Затоа, ќе ги споделам овие рецепти со вас. Сметам дека сите имаме барем 30тина минути во денот да направиме нешто брзо и едноставно без да поседуваме посебни кулинарски способности.

Шпагети со сос

Потребни состојки:

едно пакување шпагети

250 гр. конзервиран наут

100 гр. спанаќ

50 гр. сирење

50 гр. кашкавал

200 гр. кисела павлака

2 лажици масло

прстофат сол

сок од еден лимон

2 чешлиња лук

едно авокадо (по избор)

Еве еден предлог за брз и здрав ручек за кој ви се потребни само 30тина минути.

Ставете ги шпагетите да се варат, а во меѓувреме подгответе го сосот за кој ви се потребни состојките и еден блендер – тоа е се. Најпрво ставете го наутот (измиен и излупен) со 2 лажици масло и лимоновиот сок – изблендирајте. Потоа додадете ги сите останати состојки – киселата павлака, сирењето и кашкавалот, спанаќот, лукот и прстофат сол. Јас немам ставено, но вие може да додадете и авокадо доколку сакате. Изблендирајте додека не се соединат состојките и сосот е готов. Уживајте во здравиот оброк.

 

Солени мафини

Потребни состојки:

300 гр. брашно

1 ќесичка прашок за пециво

100 гр. рендан кашкавал

2 шолји јогурт

2 лажички оригано

2 лажички сол

1 јајце

Ова е совршен доручек за мрзливи утра кога сакате јадете нешто интересно, а сепак да не одзема многу време и енергија. Се што треба да се направи е состојките се изматат заедно, и потоа смесата се става во модли и се пече 20тина минути. – Наједноставен доручек спремен за 15 минути. И уште една информација која верувам ќе ве примами да ги направите – мафините се меки како памукче.

 

 

Пилешко во крем сос

Потребни состојки:

500/600 гр. пилешко месо – исечено на коцки

200 гр. кисела павлака

70 гр. кашкавал – рендан

1 лажица сенф

2 чешниња лук – рендано

четвртина кромид – рендано

зачини – сол, мешан зачин, оригано, црвен пипер

Ова е мојот омилен ручек! Идеален за луѓе кои сакаат млечни производи и зачинета храна. Овој рецепт за пилешко месо, примами личност која не е љубител на месо, да проба и дури и да побара повторно да го направам. Па ќе го оставам тука рецептот, и се надевам ќе ви се допадне и вам.

Во тава со малку масло, се запржуваат лукот и кромидот, потоа се додава пилешкото месо. Се запржуваат заедно, па се додаваат зачините, киселата павлака и сенфот. Кога сите состојки ќе се соединат, пред да ја тргнете тавата од оган, додадете го кашкавалот. Кога ќе се растопи кашкавалот, тргнете ја тавата од оган и ручекот е спремен. Потребно е да издвоите само 30тина минути за да го пробате овој специјалитет со пилешко месо.

 

 

 

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот