Совети како од вашиот сопруг да ви стане партнер во домот

 

Во ова ново, модерно време, кога сите сме растргнати со еден тон обврски, кога темпото на живот ни се претвори во маратонска трка, кога сите трагаме по малку мир и спокој после долгиот и напорен ден, домот е местото каде наоѓаме одмор после се, а семејството главен двигател, извор на нова енергија, подршка и поткрепа кога нешто ќе тргне не дај боже, во несакан правец. Но, одржувањето на домот бара голема посветеност, жртва и вложување на голем напор. Одржувањето на домот е исто како да менаџирате една помала фирма. Улогата на жената несомнено е огромна и комплексна. За разлика од порано кога местото на жената било во домот и нејзина примарна задача биле обврски поврзани околу хигиената и одгледување на децата, денес жената активно е вклучена во сите општествени процеси. Токму сите тие обврски и недостигит од време се причина за појава на поголем број на несогласувања и кавги во домот.

            Претпоставувам дека на секоја жена барем еднаш во животот и дошло преку глава од се и си рекла сама на себе: - не можам повеќе. Можеби си мислите дека работите би биле сосема поинакви доколку наидете на малку повеќе помош и разбирање од страна на партнерот. Целиот дом е оставен на ваши плеќи. Вашиот партнер попрво би одел два дена на работа во една иста кошула отколку да ги засука ракавите и да се фати за пеглата. Од првосмукалката уште од мали нозе има фобија, а готвењето за него  претставува равенка со две непознати. Единствено што знае е да направи кајгана , но после тоа ви треба многу повеќе време да го средите нередот во кујната отколку сами да го приготвите оброкот. Она што дополнително ве повредува е тоа што тој секогаш има напорен и стресен ден, па и грижата околу децата е препуштена на вас. Вие сте тие кои треба да организирате се: почнувајќи од пишување на домашни задачи, носење на курсеви по странски јазик, тренинг, приготвување на здрава ужинка, пазарање  и уште еден куп други пропратни активности што ја пополнуваат и онака вашата набиена агенда.

            Како што тргнале работите, се повеќе имате чувство дека се претворате во робот. Се што претходно ве исполнувало и било причина за разонода сега е доведено во втор, трет,  па и десети план. Претходно бевте личност која два часа не излегуваше од теретана, сега задоволство може да почувствувате само ако случајно здогледате на телевизија некоја програма за вежбање, па да елоцирате спомени. Ковид 19 сега ви дојде како добар изговор зошто постојано се појавувате без шминка на работа. Топлото време, носењето на маска, сето тоа премногу ве оптеретува, заморно е постојано да ја корегирате вашата шминка, па едноставно велите дека во лето сосема нормално е да ја оставите кожата слободно да дише. После завршување на една долга и напорна работна недела, исполнета со многу телефонски јавувања, одговори на маил, средување на тековни работи, решавање на многу отворени прашања, можеби се надевате дека викендот ќе ви понуди можност за да се одморите и да ги наполните батериите, но тоа е само надеж која се појавува во петок наутро и спласнува во саботата напладне кога веќе сте соочени со еден куп активности кои едноставно чекаат на вас. Во такви ситуации никако не успевате да ги разберете вашите пријателки кои редовно секој викенд објавуваат фотографии и локации  на социјалните мрежи од прошетки, излегувања, шопингувања и сл. Редовно се запрашувате како тие успеваат да постигнат да завршат се и да ги изменаџираат работите, во исто време да бидат грижливи мајки, посветени сопруги и одговорни работници, спремни да излезат во пресрет на задачата која ја налага нивната професија.

Одлично е што живеете сами и што приватноста не ви претставува никаков проблем, но во одредени мигови добредојдена би ви била и помош од членовите на поширокото семејство. Но, работите се такви какви што се и можеби веќе е време сериозно да седнете и да побарате помош и разбирање од вашиот сопруг. Сепак вие си дадовте завет за меѓусебна подршка додека смртта не ве раздели. Можеби сега е моментот на дело да покажете колку многу си значите еден на друг и заедно да допринесете за сплотување на семејството и создавање на една цврста основа која ќе биде темел за вашите деца да израснат во вистински и одговорни личности.

Најпривин објаснете му на сопругот како вистински се чувствувате. Не е срамно да признаете дека едноставно не умеете се да завршите. Замолете го барем еднаш да се стави на ваше место или предложете му само еднаш да проба да ги заврши сите работи кои досега сте ги правеле вие. Верувајте дека работите ќе се сменат доколку се искусат на сопствена кожа.  Пробајте да направите компромис. На шега кажете му на сопругот дека можеби веќе е време да се запознае со првосмукалката или сунѓерот за садови. Доколку навистина не се снаоѓа добро во кујната предложете му да ги однесе децата на прошетка додека вие се занимавате со чистење и средување на домот. Сопругот може да ви заштеди време доколку тргне во пазарење. Доколку ви каже дека досега не го правел тоа затоа што не би знаел што треба да купи, кажете му дека вие ќе бидете тие кои ќе го состават списокот. Со тек на време, доколку биде  упатен околу работите во домот точно ќе знае што фали и ќе ви стане потсетник кога вие тоа ќе го заборавите.

            Доколку живеете во поголем стан сигурно ќе ви треба повеќе време за да го средите. Со заеднички договор би можеле додека се вашите деца помали да се преселите во помал стан, стариот да го издавате под кирија и на тој начин да го намалите просторот за чистење, а во исто време и да го зголемите вашиот семеен буџет со парите од киријата.

            Посочете му дека со добра организација ќе успеете да обезбедите мир и хармонија во домот. Кога работите би биле навреме завршени би имале повеќе време за семејството и за повеќе заеднички активности надвор од домот. Како и да е еден ден вашите деца ќе пораснат, главните приоритети ќе се променат, а вие двајца ќе бидете тие што заедно ќе треба да ја дочекате староста. Би било убаво доколку успеете освен како сопружници да станете и партнери кои сплотено успеале да ја сочуваат хармонијата во домот.  На крај вашите деца ќе бидат тие што вашиот заеднички живот ќе го земат за пример.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот