Живот во заедница со родителите на парнерот

 

Вашиот партнер конечно порасна и сфати дека е време да рипне во тавче, па како гром од ведро небо се појави со прстен спакуван во прекрасно кутивче,  за да ве побара за жена. Вашите роднини веќе некое време негодуваа и приговараа дека е несериозен и дека се сомневаат во неговите намери. Бевте во врска скоро една деценија, колку ли само време му требаше да се одлучи дека е време за официјализирање на врската и започнување на нова етапа во вашиот живот. Да си бидете искрени сами со себе, кога го здогледавте кутивчето и на вас ви падна камен од срце. Понекогаш кога имавте некое несогласување, коментарите на блиските за неговата несериозност знаеа да допрат до вас и да ве подзамислат.     Сега работите си дојдоа на свое место. Следуваа моменти на заедничка среќа, многубројни честитки и желби за убава иднина исполнета со здравје, слога, љубов, радост и спокој.

Откако, конечно ги средивте импресиите, завршивте со честитањата и частењата, дојде време да седнете и да се договорите за местото каде ќе живеете. Бидејќи и двајцата немате стабилни и сигурни работи, се најдовте во ситуација кога треба сериозно да размислите дали ќе започнете живот во заедница со семејството на партнерот или ќе излезете под кирија. Во опција беше и можноста да аплицирате за стамбен кредит. Ова, сепак е прашање од голема важност и треба да се земат во предвид сите можности кои ги имате на располагање. Вашите заеднички пријатели почнуваат ви даваат различни совети и со вас да ги споделуваат сопствените искуства. На вас останува да пресечете и да ја донесете конечната одлука. Но, пред тоа да ги посочиме предностите и недостатоците што произлекуваат како резултат од животот во заедница со родителите на партнерот.

Доколку немате заштедено многу парични средства, на почеток можби е паметно да се разгледа можноста да живеете заедно со родителите на вашиот партнер. Праксата покажува дека сопствениците на станови или агентите за недвижнини бараат да платите однапред за три или шест месеци. Доколку ги дадете парите за таа намена, можеби тоа ќе ги поремети вашите планови за организирање на вашата свадбена свеченост. Имајте во предвид дека дополнително ќе ви требаат средства за: ресторан, фотограф, музика, торта, китенки, подароци, невестински фустан, костим за младоженецот и ред други пропратни трошоци. Нема никаков грев во тоа да се има секогаш пари на страна, сепак никогаш нема да знаете кога навистина ќе ви притребаат.

Доколку живеете во заедница може да ги поделите задачите околу средувањето и одржување на хигиената во домот. На тој начин би си обезбедиле повеќе време за вашите слободни активности. Прекрасно би било чувството да се вратите од работа и да ве чека подготвен ручек. Не мора веднаш да се зафатите со работи во кујна после напорен и стресен ден. Дополнително би се ослободиле од теретот секој ден да барате нови идеи за ручек. Користењето на заеднички простор би значело и помали трошоци за струја, вода, парно и одржување. Можете да се договорите да ги поделете трошоците на половина или пак да направите распоред која страна ќе ги плати сметките за тековниот месец.

Живеењето во заедница би ви било од корист доколку работата на вашиот партнер е поврзана со деловни патувања. Доколку често е отсутен од домот,  не би сакале постојано да бидете сами. Дополнителна полза од живеењето во заедница ќе имате кога ќе се прошири семејството. Секогаш е потребна дополнителна помош кога имате мало бебе во домот. Сепак, би сакале да имете слободни минути само за вас. Обично, бабите и дедовците преку нивните внуци се обидуваат да се искупат за пропуштеното време со своите деца, тогаш имаат повеќе време и трпение.  Доколку,  живеете во простор кој има многу скали не би сакале сами да ја влечкате количката на вашето бебе при вашите секојдневни излегувања од домот.

Сепак, имајте во предвид дека живеењето во заедница, поготово со родителите на вашиот партнер воопшто не е лесна ситуација. Животот со повеќе луѓе секогаш носи можност за појава на кавги и несогласувања. Сепак припаѓате на две различни генерации кои имаат сосема различни ставови и гледишта. Доколку живеете со повеќе луѓе секогаш ќе ви фали приватност. Можеби во одредени ситуации ќе имате впечаток дека секогаш имате присутен сведок на вашите несогласувања и кавги со партнерот. Не очекувајте родителите на партнерот целосно да ве подржуваат и секогаш да бидат на ваша страна.

На вас останува да ја донесете конечната одлука. Заеднички земете ги во предвид сите опции. Доколку одлучите да живеете во заедница уште од старт поставете јасни правила. Никој нема да ви замери доколку ги посочите работите кои ви пречат. Нивното прикривање само ќе биде причина да се наталожи вашето незадоволство и еден ден да избие како вулканска лава. Направете јасна поделба на обврските во домот. На тој начин ќе избегнете појава на конфликт, едната страна да очекува другата да ги заврши обврските.

Бидете разумни, свесни, одговорни. Секогаш стојте цврсто позади донесените одлуки, бидејќи заедничкиот живот не се гради за еден ден, потребна е љубов, желба, трпение, пожртвуваност и цврсто подадена рака која ќе ви биде столб и поткрепа за цел живот. Не дозволувајте почетокот на заедничкиот живот да ви провлекува лоши спомени во понатамошниот живот.

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот