Животот не запира кога ќе станеш мајка

 

Стануваш мајка-најважната улога во животот. Едно мало, преслатко суштество зависи од тебе. Имаш одговорност... да го нахраниш, заспиеш, пресоблечеш... да му ги задоволиш потребите. Без тебе не може. А, ни ти без него. Станува центар на твојот свет. Всушност, станува целиот твој свет.   

Несвесно се оддалечуваш од сите. Социјалниот живот ти е сведен на минимум. Другарките не си ги видела од лани, зашто детето уште ,,не фатило ред''. Па, се мачи со запчиња...па, само што проодело и ти не можеш да трчаш по него надвор од домот. Никому не веруваш доволно за да го оставиш и да си посветиш два часа само на себе. Зарем да плаче по тебе? Ти да пиеш кафе со другарките, додека твоето малечко ги брои минутите да се вратиш?Невозможно.

Кариерата ти стагнира. Не можеш целосно да се посветиш на двете работи истовремено. Го избираш мајчинството. Па, на детето сега најмногу му требаш.

Додека да трепнеш... си станала исфрустрирана кавгаџика, незадоволна од својот живот. Крив ти е сопругот, времето, општеството. Животот ти поминува пред нос, а ти веќе заборави да уживаш во него.

Затоа, запри! Не жали се. Превземи нешто! Превземи ја контролата врз својот живот. Почни со секојдневието. Уживај. Прави ги малите работи што те исполнуваат. Биди ,,глува" за туѓите зајадливости кои ти ја трујат душата. Други ли се виновни? Најди си го мирот. Диши, диши длабоко. Бакнувај си ги децата. Остани во нивната прегратка.Насмеј се од срце. Танцувај, пеј, дружи се. Остани во пижами цел ден. 

Јади овошје, пиј вода. Читај. И повторно гушкај си ги децата. Еднаш барем наспиј се убаво... без да се разбудиш уморна. Насмеј му се на сонцето што ѕирка низ ролетната. Мирисни ја тревата. 

Разговарај со некој драг што те смирува и ти ги ,,полни батериите". Дозволи си "луда забава" со другарките. Имаш право на тоа, иако си мајка. Развивај ги своите потенцијали - прави нешто во што си добра и уживаш.

Почитувај се! Сама почитувај се. Не ти треба ничија потврда дека си добра, дека вредиш. Ги знаеш своите квалитети. Истакни ги.

 

Жено, прекрасна си... насмевни се и освој го светот!

 

 

 

 

 

 

 

 

        

Уживате во овој напис? Останете информирани претплатете се на нашиот е-весник!

Коментари

Мора да сте логирани да напишете коментар.

За авторот